Насловна / Вести / Потсетување на минатото – водич за иднината

Потсетување на минатото – водич за иднината

На 11 септември Скопје беше погодено од два силни земјотреси, утрото со магнитуда 4,0 и попладнето со магнитуда од 5,3, со што граѓаните на Скопје беа потсетени на тоа дека градот се наоѓа во сеизмички активно подрачје, а оние повозрасните и на катастрофалниот земјотрес од сега далечната 1963 година.  За среќа, овие земјотреси не беа толку силни колку најсилниот земјотрес од 1963 година со магнитуда 6,1. Комбинацијата на помалата магнитуда на земјотресите од 2016 година и подобрениот квалитет на градба на објектите по 1963 година, веројатно имаат придонесено во голема мера за релативно малите претрпени штети и повреди.plostad_sloboda_po_zemjotresot_vo_skopje

Скопски земјотрес од 1963 година

И покрај релативно поволниот исход, овие земјетреси несомнено предизвикаа вознемиреност кај наслението. Како резулутат на ова, дел од населението реши времено да се засолни кај своите роднини и пријатели во соседните градови, во своите викеднички, или пак да преноќи на отворено или во шатори. Оваа претпазливост е разбирлива, со оглед на тоа што секој сака да ги заштити своите најмили и себеси; Градскиот парк, скопското Кале и други отворени простори, станаа избрани дестинации за дел од населението во овие осетливи моменти.

Се разбира, ова не е ниту ново ниту пак карактеристично само за нашето поднебје. Одењето на отворено со векови била вообичаената реакција на населението во сизмички активните подрачја во случаи на земјотреси.  Современата наука и практика за заштита од земјотреси, исто така го препознава и нагласува значењето на отворените простори во заштитата од земјотреси. Вообичаено, присуството на отворени простори и сообраќајници, кои нив ги поврзуваат, се поврзани со повеќе значајни аспекти сврзани со заштитата од земјотреси преку имплементација на мерки во доменот на урбанистичкото планирање.maxresdefault

Така на пример, пресекот/профилот на улицата што се состои од: висината на објектите, растојанието помеѓу нив, ширината на улицата, ширината на паркиралиштата, ширината на тротоарите, ширината на евентуалните зелени површини, како и конструктивниот систем и материјалите од кои е изградена фасадата, се смета дека влијаат од повеќе аспекти. Еден од овие аспекти е проточната моќ на улицата, при што е важно да се гледа на ова како на улица во секојдневна употреба, така и на улица во случај на земјотрес.  Притоа, растојанието помеѓу објектите се смета како значаен фактор во заштитата од пренесување на пожар од еден на друг објект, коишто се наоѓаат еден наспроти друг.

За жал, во текот и по земјотресот може да се случат пожари како резултат на нарушување на инсталациите во објектите и се смета за особено важно ваквите пожари да се локализираат преку примена на мерките за пасивна противпожарна заштита, како на пример огноотпорноста на објектот, затоа што во случај на земјотрес се очекува дека противпожарните служби заради обемот на интервениции може да немаат доволно капацитет да одговорат на секој пожар. Оттука, се смета дека фасадите на објектите треба да бидат изработени од огноотпорни материјали за да се спречи пренесувањето на пожарите.

Исто така, во зависност од конструктивниот систем на објектот, применетите мерки за асеизмичко проектирање, квалитетот на изградба и одржувањето на објектот, одредени објекти можат да придонесат повеќе на повредливоста на улицата од други. На пример, објектите што не се асеизмички градени и не се зајакнати по претходните земјотреси, во услови на посилни земјотреси можат да резултираат во делумно или целосно рушење на објектот, што ќе одземе дел од растојанието помеѓу објектите и може да ја отежне евакуацијата на населението, пристапот до објектот од службите за спасување и сл. Се разбира, во случај на делумно или целосно рушење на објектот, вообичаено се очекува дека колку е повисок објектот толку повеќе ќе бидат распространети урнатините од него.kobe-earthquake

Фотографија на земјотрес во Кобе, Јапонија во 1995 година

Дури и во случаи на земјотреси кои нема да предизвикаат рушење на објектите, просторот во непосредна близина на објектот може да не биде безбеден за движење како резултат на можно паѓање на малтер, стакло, ќерамиди, антени и слични предмети од фасадата на објектот, што можат да предизвикаат повреди кај оние што се наоѓаат во непосредна близина на објектот. Како резултат на ова, во случаи на мали тротоари движењето на населението подобро е да се одвива по самата улица за тие да бидат позаштитени. Се разбира, колку е помала широчината на улицата толку помалку место ќе биде достапно за движење на населението и за движење на возилата на ургентните служби. Во случаи на делумно или целосно обрушување на објекти, ширината на улицата може да биде намалена до таа мера што веќе не е проодна за возилата без нејзино претходно расчистување.  Се разбира, ова не е добро бидејќи службите за спасување можат да бидат попречени во пристапот до местата на интервенција, особено во случаи кога треба да се користи тешка механизација, како на пример кранови, за да се помогне во напорите за спасување на затрупани лица или слично.

Се разбира, уличната мрежа во градови лоцирани во сеизмички активни региони, треба да води до отворени простори во кои локалното население би можело да се заштити. Притоа, поголемите отворени простори се сметаат за поповолни со оглед на тоа што таму би требало да може да се обезбеди побезбедно и посконцентрирано сместување во случај на катастрофални земјотреси. Вообичаено, се смета дека е најдобро зоната на сместување да биде оддалечена најмалку две висини од височината на соседните објекти, коишто ја опкружуваат оваа слободна површина, за да се заштити просторот од евентуалното рушење на локални објекти, но и за да се даде можност на ургентните служби и службите за спасување да интервенираат на објектите што ја опкружуваат отворената површина. Како резултат на ова, треба да се има претстава за тоа колку простор за времено сместување би бил достапен во случај на катастрофа. Така што, доколку се одбие заштитната зона од соседните објекти, она што ќе остане би била површината достапна за времено сместување на населението, при што се смета дека таа би требало да биде околу три метри квадратни по лице, што би овозможило да се создадат можности за времено сместување на лицата под шатори и основните придружни функции. Со примена на алатките во доменот на урбанистичкото планирање, можно е да се направи оптимализација на локацијата на отворените простори и сообраќајниците што водат до нив, со што може да се создаде мрежа од проточни сообраќајници и отворени простори за овие отворени простори да бидат достапни во приближно подеднакво време за населението во градот.ap_italy_earthquake13_ml_160824_4x3_992

Од земјотресот во Италија оваа година

Дел од овие определби биле спроведени во урбанистичкиот план на Скопје по земјотресот од 1963 година, кога површината на урбаната зона на градот била значително зголемена за да се овозможи сместување на приближно подеднакво населние како и пред земјотресот. За жал, од тогаш преку последователните урбанистички планови и проекти, се чини дека овие појдовни определби за намалување на повредливоста на градот при идните земјотреси се запоставени преку изградба на нови објекти на отворените простори и преку надградба и доградба на постојните објекти. Оттука, неодамнешните земјотреси, колку и да се непријатни и непосакувани, можат да послужат како повик на сегашните генерации да се запознаат и потсетат на значењето на отворените простори и пристапните сообраќајници како значајни аспекти за заштита на градот од идните земјотреси.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top