Насловна / Вести / Потребни се зелени, а не розови младински организации

Потребни се зелени, а не розови младински организации

KIR_2931
Младинските организации треба да бидат многу активни и да им вршат притисок на властите во однос на политиките за животната средина и за климатските промени, порача Жан Ив Лавоар од Францускиот институт, на денешната младинска конференција за климатски промени што се одржа во Универзитетот за туризам и менаџмент, по повод 5 јуни, Светскиот ден на животната средина. Конференцијата ја организираше невладината организација „Гоу Грин“ и на неа извидници и организации од Македонија и од Франција, заедно со експерти, споделуваа искуства од последиците што двете земји ги трпат од климатските промени и организираа работилници со кои бараа решенија за разни ситуации.

– Милиони граѓани се вклучени во многу акции, а ние во Скопје ја организираме оваа конференција за млади, каде што целиме да ги разбереме последиците од климатските промени во Македонија и во Франција, како споредба меѓу мала и голема земја, како и да разговараме за улогата на младите луѓе во справувањето со климатските промени – рече Антонио Јовановски, претставникот на „Гоу Грин“.KIR_2928

Лавоар во своето обраќање потенцираше дека Франција многу се ангажира во борбата за климатските промени и за заштитата на животната средина, а во декември 2015 година ќе организира голема конференција за климата, која е продолжение од таквите настани од Копенхаген и од Дурбан.

– Целта е да се постигне договор што ќе биде обврзувачки за сите држави. Има напредок по конференцијата во Копенхаген, но потребни се попрецизни мерки. Се надевам дека младинските организации ќе бидат активни таму и ќе бидат вклучени во конкретни акции. Невладините организации треба да им вршат притисок на властите, а не да живеат во некој свој свет. Бидете зелени, а не розови – заклучи тој.

На настанот се обрати и Теодора Грнчаровска Обрадовиќ, национален координатор за климатски промени од Министерството за животна средина.

– Климатските промени бараат мултисекторски пристап и тоа се содржи во сите наши стратешки планови и документи. Работиме напорно во пресрет на париската конференција за да дојдеме до решенија колку Македонија може да се обврзе, за да не преземеме нешто што би можело да го наруши нашиот одржлив развој – објасни Грнчаровска Обрадовиќ.
KIR_2963
Нов партнер во активностите на „Гоу Грин“ е и цементарницата „Усје“ со своите активности околу обезбедувањето почиста околина.

– Нашето работење има влијание врз животната средина, но нашето мото е да направиме што помалку штета и повеќе добро. Цементната индустрија е екстензивна во поглед на емисиите на јаглерод диоксид, нашето производство е директно поврзано со тоа. Но имаме начини како да придонесеме за намалување на тие емисии. Индустријата создава одредена штета, но исто така може да биде и дел од решението – истакна Наташа Бакреска Кормушоска, претставничката на компанијата.

И фондацијата „Конрад Аденауер“ беше вклучена.

– Зошто една политичка организација како „Конрад Аденауер“ ги посветува своите активности на климатските промени? Затоа што разбираме дека тие се глобален предизвик и политиката во оваа насока не може да биде национална и индивидуална, без разлика во кој сојуз е некоја држава, каде се наоѓа во светот, дали е богата или сиромашна и каков режим владее во неа. Климатските промени се безбедносно, миграциско, и големо економско прашање – потенцираше Зорица Велковска од „Конрад Аденауер“.

Испрати коментар

Scroll To Top