Насловна / Вести / Потреба од градба на нови брани за создавање на нови водни акумулации во Македонија

Потреба од градба на нови брани за создавање на нови водни акумулации во Македонија

Поттик за пишување на предметниот реферат е моментниот зголемен интерес за концесискиот договор за градба на нови брани и хидроцентрали на Црна Река, односно за финансирањето на градбата на Чебрен и Галиште, за кој во ноември 2023 година се одржани бројни трибини и тркалезни маси. Во меѓувреме грчки „Архиродон“ се откажа од изградбата на Чебрен.

Првите согледувања и изработка на одредена техничка документација за Чебрен и Галиште датираат од седумдесеттите години на минатиот век. Во моментот се актуелни дебати за финансирањето на Чебрен и Галиште, каде постојат три можности: (1) буџет на РС Македонија, (2) кредит за ЕСМ (оператор со новите хидроцентрали) и (3) концесиски договор. Притоа, се занемарува дека за правилен избор на најповолно финансирање на градењето неопходна е техничка документација на ниво на Основен проект со Ревидентска клаузула.

ДАЛИ СЕ ПОТРЕБНИ ВОДНИ АКУМУЛАЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА?

Факт е дека во изминатиот период од пет децении, Донесителот на одлука (политичкото раководство) не обезбедило амбиент каде инженерската фела би направила Геотехнички истраги и Основен проект (со усогласени градежна, машинска и електротехничка фаза). Меѓутоа, наведениот факт не е оправдување „техничкото ниво на компетентност“ да го замени „нивото за одлучување“. Имено, местото на Донесителот на одлуката (лице или институција која ја донесува извршната одлука која варијанта е усвоена), во процесот на реализација на стратешките инфраструктурни системи е одредено со формулацијата: „Планерите даваат препораки, научниците (инженерите) изработуваат модели, а раководството донесува одлуки“. Сфаќањето и почитувањето на овој едноставен принцип, независно од политичкиот систем (во случајот за Македонија, авторитарен до 1990 и демократски по 1990), е најважниот фактор кој ги разграничува успешните од неуспешните хидроенергетски проекти. Во спротивно, Македонија ќе биде парализирана за градба на нови брани, но и за одржување на постојните, за жал, остарени брани. Тоа го наметнува прашањето – дали се потребни водни акумулации во Македонија? Целосно сум убеден дека оперирањето со старите и создавање на нови водни акумулации е неопходно за натамошниот развој на Македонија, со аргументи дадени во натамошниот текст.

3

Во последната деценија има драматични промени во инсталираната моќност на централите за производство на електрична енергија од обновливи и еколошки чисти извори на енергија. На глобално ниво во 2021 година, инсталираноста на соларните централи изнесуваше 942 GW, а на хидроцентралите (заедно со пумпно акумулационите) беше 1.330 GW. Инсталираната моќност на соларните централи (фотоволтаиците) се зголемува со геометриска прогресија. На годишно ниво се очекува пораст на инсталираната моќност на хидроцентралите за околу 30 GW, додека за соларните централи во 2022 се инсталирани 268 GW, а за 2023 се предвидува дека ќе  бидат додадени 315 GW. Не е тешко предвидливо дека во 2023 година инсталираната моќност на соларните централи, кои станаа позначајни само во последната деценија, ќе ја надмине инсталираната моќност на хидроцентралите, кои се градат повеќе од стотина години.

Овој глобален тренд најверојатно набрзо ќе се преслика и во енергетскиот сектор во Македонија. Притоа треба да се имаат предвид локалните особености. Имено, во РС Македонија е изграден само 30 % од хидроенергетскиот технички искористливиот потенцијал (ТИП), кој со најновите поскапувања на електричната енергија, практично е преминат во категоријата на економски искористлив потенцијал. Доколку на глобално ниво, за регуларно оперирање со мешовит електро-енергетски систем, односот соларни/хидро според годишниот прираст е околу 10, што варира од 20 до 5, зависно од степенот на изграденост на ТИП, од 90 % до 20 %, тогаш во РС Македонија тој однос не би требало да биде поголем од 5.

4

НЕОПХОДНИ СЕ ГОЛЕМИ АКУМУЛАЦИОНИ ХИДРОЦЕНТРАЛИ

Во оваа етапа од развојот на енергетиката во РС Македонија, соларните централи не треба да се третираат како конкуренција на хидроцентралите. Напротив, инсталирањето на соларните централи е поттик за градба на нови хидроцентрали. Треба да се истакне дека во оваа фаза инвестирањето во мали и проточни хидроцентрали е целосно неприфатливо, зашто покрај што беа дискутабилни од еколошки, социолошки и економски аспект, сега станаа и енергетски нелогични. Во овој момент во РС Македонија неопходни се големи акумулациони хидроцентрали и, пред сѐ, реверзибилни хидроцентрали, како резервна моќност за покривање на дневната нерамномерност и непредвидливост на соларните централи.

Несомнено, во тековниот период на „Енергетска транзиција“ со напуштањето на фосилните горива, хидроенергетиката прераснува во една од најзначајните гранки во областа на „Користењето на водите“ и катализатор за развој на „Индустријата за брани“. Сепак, во нашата средина е незадоволителна градбата на нови брани и пред сѐ на нови хидроцентрали (споредено како на глобално ниво, така и на регионално). Тоа се должи на проценките за економска неисплатливост на хидроцентралите преку формална споредба со соларни и ветерни централи, но занемарувајќи го повеќенаменскиот карактер на водните акумулации. Имено, водните акумулации со голем корисен волумен се единствените активни мерки за ублажување на негативните влијанија од климатските промени. Развојот на хидро-енергетиката во идниот период треба да биде со двократно користење на повеќенаменските акумулации, со навремено инволвирање на приоритетните водокорисници (водоснабдување и наводнување), еколошки гарантираното протекување и секако – „Одбраната од поплави“. Одбраната од поплави се состои од активни мерки (акумулации) и пасивни мерки (насипи), а во случај на инцидентна краткотрајна појава на голема вода, таа добива врвен приоритет во управувањето со водите.

козјак

Козјак

ПОПЛАВАТА ВО СКОПЈЕ 1962 ГОДИНА

Следува потсетување на катастрофалната поплава во Скопје во 1962 година, која споредено со одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во 1963, помина, за жал, скоро незабележливо. Потсетувањето е со цел да се подвлече значењето на корисните простори на повеќенаменските акумулации и потребата од инволирањето на „Одбраната од поплави“ во комплексните системи, со кои се искористува тоталниот воден потенцијал. Имено, тие се единствените објекти кои хидросистемите ги прават суштински управливи, зашто со нив се прави временска прераспределба на природните стохастички дотекувања во регулирани детерминистички протекувања. Резервираниот дел од корисниот простор е единствениот објект за контрола на поплавите, а со тоа за минимизирање на штетите од поплавните води во низводното, хидролошки загрозено подрачје.

1

Поплавено Скопје на 16.11.1962 година

На 16.11.1962 на профилот Матка (р. Треска) 730 m3/s истекувале низ преливниот тунел, а во 11:55 преливало 70 m3/s преку челниот преливник на браната. Машинската сала на ХЕЦ Матка била поплавена во 13:00. Во Скопската Котлина се суперпонирале три поплавни брана од реките Треска, Горен Вардар и Лепенец. Околу 16:00 сите училишта во Скопје биле распуштени. Вардар се излеал на „Илинденска“, на плоштадот „Маршал Тито“, во Градскиот парк, кај стадионот, и секаде каде заштитните насипи биле најниски.

Директната материјална штета од поплавата на 16.11.1962 била следна. Во Скопје урнати биле 1.050 куќи, 157 згради биле под вода, а 4.445 останале граѓани без покрив. Во Петровечко биле поплавени близу 4.000 хектари плодна земја. Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров. Железничкиот мост кај Воена болница бил забранет за сите возови, а движењето по Железничкиот мост кај Ѓорче Петров било ограничено на 5 km/h. Само еден мост на Вардар бил сигурен – Камениот мост.

Се претпоставувало дека вкупната штета од поплавата била преку 10 милијарди југословенски динари YUD. Конверзијата во 1962 беше 1 USD = 750 YUD. Во 1962 штетата била 13.333.333 USD. Ако се дисконтира вредноста на USD во периодот 1962-2023 се добива $1 во 1962 е еквивалентен на куповна моќ од $10,19 во 2023. Големината на штетата од поплавата во Скопје во ноември 1962 пресликана во 2023 би изнесувала 135.866.667 USD. Ако се има предвид развојот на Скопје во периодот 1962-2023, односно зголемувањето на материјалните добра и порастот на населението, тогаш доколку Скопската Котлина биде поплавена во годините по 2023, со сличен интензитет како во 1962, вкупната штета од поплавата би била повеќекратно поголема.

КОНТРОЛА НА ПОПЛАВНИТЕ ВОДИ ОД ТРЕСКА

Со градбата на браната Козјак беше создадена акумулацијата Козјак на реката Треска, која сѐ уште е единствената во Македонија со поделба на корисниот простор на резервиран (за поплавен бран) и оперативен (за водоснабдување, наводнување и енергетика). Треба да се разликува резервираниот корисен простор (под кота на нормално ниво) и ретензиониот простор (над кота на нормално или преливно ниво – за тип на преливник со слободно преливање). Улогата на ретензиониот простор е ублажување на пикот на преливното протекување, споредено со пикот на дотекувањето од сливот кој гравитира кон преградниот профил. Затоа, во случај на поплава, ретензиониот капацитет на секоја водна акумулација, независно од управувачките акции на операторот со хидросистемот, создава поповолна хидролошка состојба во низводната речна долина.

Резервираниот корисен волумен Vrez од 100.000.000 m3 на акумулацијата Козјак не е наменет за ретензија (ублажување), туку за контрола на поплавните води од р. Треска. Со управувањето со Козјак, поплавните води од р. Треска целосно ќе се задржат, сѐ до поминувањето низ регулираното корито на р. Вардар во Скопје на поплавните бранови од Горен Вардар и Лепенец. На тој начин, со акумулацијата Козјак со Vrez = 100 M-m3 и регулираното корито на р. Вардар во Скопје со пропустлив капацитет од Qmax = 1.150 m3/s, сегашната заштита од поплави на Скопската Долина е многу поголема од состојбата во 1962 година.

2

Хидросистем Треска, со 3 брани и 3 хидроцентрали и регулацијата на р. Вардар со Скопје – систем за одбрана од поплави на Скопската Котлина

Методолошки, добивките од водостопанската гранка „Одбрана од поплави“ се третираат како штети со негативен предзнак. Овие добивки од одбрана од поплави на Скопје, за случај само на една поплава како таа во 1962 година, се многу повисоки од трошоците за градба на браната Козјак. Цениме дека оваа симплифицирана анализа со примерот на Козјак еклатантно потврдува дека за Донесителот на одлука (политичкото раководство) критериумот за економската исплатливост на нова хидроцентрала (прикажан преку чинење на инсталиран MW моќност или производна цена на kWh електрична енергија), не е меродавен при избор за градба на нова брана за создавање на нова повеќенаменска водна акумулација.

Автор: Проф. д-р Љупчо ПЕТКОВСКИ, Градежен факултет во Скопје

 

Испрати коментар

Scroll To Top