Интервју со Ана Чоловиќ-Лешоска, извршен директор во Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“ од Скопје
Добитник сте на престижната награда за животна средина „Голдман“ која се доделува за заслужни херои од областа на животната средина од сите шест населени континенти во светот. Честитки од „Порта 3“ и ќе може ли да ни кажете што значи оваа награда?
Наградата Голдман за животна средина е престижна награда која се доделува на индивидуалци низ светот за нивното исклучително влијание во заштитата на животната средина. Таа е исто така позната и како „зелен“ Нобел.
Во светот секоја година се доделува оваа награда на активисти од 6-те населени континенти. Наградата е воспоставена пред точно 30 години од страна на Ричард и Рода Голдман, кои уште во тоа време биле напредни во размислувањата за потребата за локална акција со глобално влијание за заштитата на нашата планета.
Која беше кампањата што ја водевте која Ви ја донесе оваа награда? Колку беше тешко изминатите години да се истрае во идејата, гледајќи од денешен аспект, кога успеавте?
Од 2010 година работевме на заштита на националниот парк Маврово од изградбата на големите хидроенергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле. Бев убедена дека на вакви проекти не им е местото во национален парк и токму тоа се обидувавме да го докажеме, но на почетокот без успех. Понатаму, како се зголемуваше меѓународната поддршка за заштитата на нашето национално богатство, стануваше јасно дека првичните наши ставови за потенцијалното деструктивно влијание на овие проекти беа основани. Предизвикот беше во соработката со нашите владини институции и градењето на нивната доверба кон граѓанскиот сектор, бидејќи тоа е движење кое не сака да урива, туку да гради здраво и одржливо општество. Тоа и ден денес останува предизвик за сите нас.
Со кампањата за стопирање на меѓународното финансирање за две големи хидроцентрали планирани да се градат во Маврово го спасивте живеалиштето на речиси исчезнатиот балкански рис.
Стопирањето на меѓународните финансии за овие два проекта се случи како одговор на нашите докази за конфликтот меѓу политиките и процедурите на овие институции и самите проекти кои сакаа да ги финансираат. Едноставно, според нивните политики, изградба на големи инфраструктурни проекти со сериозно влијание на животната средина не се дозволени во критични живеалишта, како што е случајот со Националниот парк Маврово и критично загрозениот балкански рис. На некој начин, со стопирањето на изградбата придонесовме барем дел од широкиот ареал на нашиот балкански рис да е побезбеден и позаштитен за закрепнување на неговата популација, која денес брои само околу 40 индивидуи.
Што е она што додека ја водевте кампањата за стопирање на Бошков мост и Луково Поле најмногу ве загрижуваше или можеби ве плашеше?
Во времето во кое делувавме за спас на Маврово, бевме свесни дека само со една одлука може да се започне со градба на Бошков Мост. Лично од тоа стравував бидејќи подрачјето веќе беше под притисок од изградбата на малата хидроелектрана на Тресонечка Река и секој понатамошен притисок ќе значеше непоправлива штета за дивиот свет и живеалиштата во паркот.
Во јавноста повторно е актуелна изградбата на нови мали хидроцентрали. Кои локации ќе бидат на удар? Колку сте подготвена за повторно да го одите истиот пат за спас и на други региони во земјава, се разбира доколку има потреба?
Има и потреба и неопходност да се заштити нашето природно наследство и вредните водни ресурси. Малите хидроцентрали за жал прават големи штети на недопрените природни реки кои ги имаме. Последниот повик на Владата на Република Северна Македонија предвиде 22 локации од кои 11 се места каде имаме одреден степен на заштита – Национален парк, Емералд подрачје или идно Натура 2000 подрачје. Со повикот беа предвидени хидроцентрали во Маврово, Пелистер, Јабланица, Јакупица, Кожуф и Шар Планина. Иако Владата објави дека нема да ги додели локациите во Маврово, Пелистер и Јабланица, бидејќи сака да го елиминира конфликтот со Бернската конвенција (Конвенција за заштита на европскиот див свет и живеалишта, ратификувана од Македонија), таа со ова направи голем пропуст. Бернската конвенција ги штити сите Емералд подрачја, односно сите оние подрачја вредни за заштита кои по влезот во ЕУ ќе станат дел од европската мрежа на заштитени подрачја. Секоја од локациите кои ги издвоив се под заштита на Бернската конвенција. Затоа, наместо селективно одбивање локации, Владата требаше да не ги додели сите локации кои се во конфликт со заштитата на нашите реки и природа.
Ние продолжуваме да бараме на овие локации да нема изградба на хидроцентрали, поучени од последните теренски посети каде е евидентен масакр на нашата природа поради недостиг од основна градежна пракса и заштита. Сметаме дека постојат доволно податоци и докази зошто ваквата пракса нема да придонесе кон развојот и заштитата за кои тврдиме дека се стремиме како земја.
Што значи изградбата на малите хидроцентрали за природата, колку ресурси се уништуваат и има ли навистина нашата земја потреба од тие капацитети?
Малите хидроцентрали се поставуваат на речни текови, зафаќајќи ја водата од реката и пренесувајќи ја до турбините каде се создава електрична енергија. На местото на зафатот, се прекинува природниот тек на водата, и се испушта многу мал (но, понекогаш и никаков) проток на вода. До техничката зграда, каде се наоѓа турбината има должина од неколку километри, и токму тука е евидентна штетата на екосистемот. Реките се оставени суви, безживотни, најчесто со отпадни дрвни материи од изградбата, придружено со ерозија. Влијанијата се значително поголеми во случај кога станува збор за места каде има богат биодиверзитет, присуство на ретки или ендемични видови и сл.
Иако технички на зафатите се предвидени таканаречени рибни патеки, кои би требало да овозможат движење на рибите кон горните текови на реката (за мрестење), сепак кај нас бележиме катастрофални изведби и нефункционалности на овие елементи од зафатот. Не нѐ изненадува фактот што популацијата на рибите во овие реки значително опаѓа.
Дополнително на директните, има и индиректни влијанија, како на пример пристапните патишта изградени за потребите на хидроелектраната придонесуваат до појава на ерозија и претставуваат лесен пристап на дрвокрадците до најдлабоките и недопрени шуми при што се забележува и загуба на шумскиот екосистем.
Во врска со потребата од енергетски проекти за нашата земја, имајќи го предвид продорот на новите обновливи извори (соларна и ветерна), како и обврските на нашата држава да ги примени европските закони за заштита на природата, би било многу поефективно нашите политики да ги дестимулираат малите хидроелектрани. Имено, за да не се стимулира нивната градба, а со тоа и да се превенира штета врз средината, Владата треба да ги укине субвенциите за хидроенергетски проекти и да ги зголеми тие за новите и одржливи извори на енергија (како соларната и ветерната).
Кои количини на енергија треба да се добијат од тие мали ХЕЦ и дали е тоа доволно вредно за да државата го уништува биодиверзитетот?
Според извештајот од Регулаторна Комисија за енергетика за 2018, имаме 96 МХЕ, со 106,2 MW инсталирана моќност, што произвеле 5,12 отсто од електричната енергија во земјата. МХЕ што не се во сопственост на ЕЛЕМ (ЕСМ) или ЕВН, односно тие со концесиите се 3,93 отсто (214281 MWh).
Со уште 50 дополнителни МХЕ, ќе добиеме околу 140-145 MW инсталирана моќност. Со колкав процент ќе учествуваат во енергетскиот микс и колку ќе произведат, многу зависи од хидрологијата затоа што овие проекти немаат акумулација и се директно зависни од протокот на вода. Ако задржиме исто ниво како 2018, со зголемен капацитет за 40 отсто од концесиите, ќе добиеме уште најмногу еден отсто во вкупното учество.
Но, она на што често забораваме е потребата прво да ги примениме сите мерки за енергетска ефикасност. Во нашиот систем губиме огромни количества на енергија само поради неговата неефикасност. Затоа, неопходно е прво да ја намалиме потребата од нова инфраструктура со примена на енергетската ефикасност, а дури потоа да размислуваме кои нови и одржливи проекти треба да ги изградиме.
Издадовте прирачник за борба против малите ХЕЦ и за спас на македонските реки. Што с сè одржи прирачникот, врз основа на што е подготвен и каде сè е доставен?
Прирачникот е наменет за граѓаните и активистите кои можат да го користат како практична алатка во својата борба за заштита на својата локална заедница, но и како инспирација за интересни акции кои можат да ги применат. Тој содржи детални образложенија за разни национални и меѓународни жалбени механизми и со практични примери се демонстрира нивната примена. Прирачникот е достапен на интернет и може да се најде на следниот линк https://drive.google.com/file/d/1VnT4Ctz9YB37PrHMkh0vB4QlZpCkde0V/view.
Изминативе години, вие како биолог, постојано гледате дека во земјава се уништуваат ретки ендемски видови. Што сè е под сериозна закана од уништување?
Би ја издвоила популацијата на египетскиот мршојадец во Македонија. Тој е критично загрозен вид во цела Европа и ние долго време имавме солидни популации од видот, сѐ додека не започнавме со инфраструктурен развој буквално во сите негови живеалишта. Сега на неколку од овие локации (Демир Капија, Дреново) веќе не бележиме гнездење и размножување. И што е уште пострашно, не планираме ни акција за закрепнување на популациите ниту пак некакви мерки со кои би ја вратиле популацијата во добра бројка.
Друг пример кој на сите ни е познат е нашето најзначајно Охридско Езеро и ризикот по сите ендемични видови во екосистемот. Плановите за градба во Студенчишкото Блато не одат во прилог за долгорочната заштита на езерото. Воедно, колекторскиот систем не функционира, а не ни знаеме дали Владата презема некои мерки и акции, како што вети дека ќе направи. Нашето единствено Унеско подрачје наскоро ќе биде ставено на листата на подрачја во опасност. Ова треба да е „ладниот туш“ за нашите надлежни кој треба да ги освести дека е крајно време сериозно да се позанимаваме со заштита на националното, но и светското наследство.
„Еко-свест“ постојано се присутни во јавноста со разни кампањи. Го кренавте гласот против линијата на гасоводот што води низ Водно иако имаше аргументи дека тоа е најекономски исплатлива траса за западниот дел од земјава? Кој е вашиот став околу ова и на што тој се должи?
Гасот е, како и јагленот е фосилно гориво. За разлика од другите земји кои во изминатите децении инвестираа во гасоводи, Македонија не го правеше тоа. Сега, кога тенденцијата е да се елиминираат фосилните горива, а притоа, технологијата дава нови решенија и иновации на тој план, ние решаваме да вложиме јавни пари во искористување фосилни горива.
Ова е таканаречено „заробување“ на парите во проекти за поддршка на фосилни горива, и воедно губење на можноста истите тие средства да се вложат во транзиција на енергетскиот систем, односно во нови обновливи извори на енергија кои на долг рок ќе дадат многу поприфатливи резултати, не само за економијата, туку и за здравјето на граѓаните.
Дополнително, бевме против изградба на гасовод низ планински и шумски предели, на Водно од безбедносни причини, а на трасата до Тетово и поради уништување на шумите и фрагментација на живеалиштата.
Бевте и против увезувањето на стари возила, а прашањето на чист воздух е она што постојано го поставувате. На што работи „Еко-свест“ во овој период?
Сообраќајот придонесува со околу 20 отсто во загадувањето на воздухот во Скопје како резултат на оваа политика на стимулирање увоз на стари возила. И други политики стимулираат дополнително загадување, како на пример греењето на јаглен, неказнување на индустрија или домаќинства, градба во периоди на загаденост и покрај изречен мораториум, автоцентричноста на нашето општество и др. „Еко свест“ неодамна заврши со анализа на мерките за справување со аерозагадувањето и нивната примена во изминатиот период и направи анализа на јавното мислење за приоритетите во животната средина. Како најактуелна тема за нас се сега климатските промени и зелената економија па така, објавивме две грантови-шеми за поддршка на граѓански организации за практични проекти од овие теми. Очекуваме наскоро и да ја создадеме првата климатска коалиција, на организации од сите релевантни сектори која ќе биде главен чинител во идното креирање на политиките за клима и енергетика во земјата.
Во Вевчани, ѝ помогнавме на општината да го подготви Планот за управување со заштитеното подрачје Вевчански извори и работиме на развој на локалната економија и свеста за заштитата на изворите, како и развој на подрачјето како туристичка атракција преку примена на современи стандарди и методи.
Има ли кај нашиот народ свест за чување на животната средина и колку е тешко да се работи на тоа?
Минатата година спроведовме истражување на јавно мислење на репрезентативен примерок на граѓани во Македонија. Дури 55 отсто од нив сметаат дека самите тие можат да влијаат врз квалитетот на животната средина, што покажува високо ниво на свесност и поврзаност помеѓу нивните секојдневни навики и квалитетот на животот и околината.
Дури 70 отсто од населението би направило конкретни измени во начинот на греење во домот и би примениле мерки за енергетска ефикасност, што го потврдува горенаведеното.
Сметам дека во минатите неколку години значително порасна свесноста кај граѓаните за состојбите со животната средина, можеби и главно поради нивното влошување бидејќи бележевме зголемувања на смртните случаи од рак и кардиоваскуларни заболувања како и респираторни болести, и пораст на астмата и алергиите кај децата. Корелацијата помеѓу животната средина и човековото здравје никогаш не била поевидентна за нашите граѓани.
Согласно споменатата анкета, справувањето со отпадот и квалитетот на воздухот се двете најсериозни теми од областа на животната средина во Македонија. На ова, би го додала и континуираниот притисок врз природата и екосистемите.
Предизвикот во нашиот случај е недостатокот од политичка волја за решавање на овие проблеми. Сите се уверивме дека пари има, но каде и како се трошат е прашање на избор. Затоа, мислам дека е крајно време еколошките такси во целост да се стават во функција на потребните инвестиции во животната средина, да се оформи најавуваниот Фонд за енергетска ефикасност и Фонд за животна средина и да се промени начинот на носење политики при што човековото здравје и благосостојба би се поставиле на приоритетно место.