Претставниците на Египет, Етиопија и Судан потпишаа во Картум меѓудржавна спогодба за изградба на најголемата хидроцентрала во Африка, „Ренесанса“ на реката Нил. Поточно, спогодбата се однесува на ингеренциите и обврските во врска со водите на Нил, со што ќе се надминат низата недоразбирања и контроверзии кои од самиот почеток го следат овој проект.
Хидроцентралата ќе биде лоцирана на територијата на Етиопија, а претставниците од оваа земја истакнаа дека со нејзината изградба Етиопија ќе се стекне со поправеден удел во водите на Нил и конечно ќе ги реши своите долгогодишни проблеми со снабдување на електрична енергија.
Инаку, со изградбата на браната од оваа хидроцентрала се започна уште во 2013 година кога Етиопија почна да го пренасочува течението на Синиот Нил. Тогаш дојде до тензии бидејќи претставниците од земјите од регионот сметаа дека со изградбата на овој објект ќе дојде до намалување на расположливите води во нивните земји, односно ќе се доведе во прашање снабдувањето со вода за пиење.
Се планира изградбата на оваа хидроцентрала да заврши во 2017 година. Инсталираната моќност на најголемата хидроцентрала на овој континент е проектирана на 6.000 MW.