Договор за основен проект за регулација на реката Вардар во Полошкиот регион вреден 2 милиони и 800 илјади евра потпишаа министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и деканот на Градежен факултет-Скопје при УКИМ, Дарко Мославац.
Според министерот Изаири, договорот ќе се спроведува според претходно утврдена динамика, а нагласи дека е задоволен што токму Градежниот факултет како сериозна институција ќе го спроведе.
Деканот на Градежниот факултет Мославац смета дека овој проект е продолжение на веќе направен постар проект, со тоа што целокупната документација ќе биде, како што рече, максимално искористено, но ќе претрпи и многу промени.
Речното корито во Полошкиот регион е со голема широчина, мала далбочина и со остри кривини. На повеќе делници има отпад што доведува до плавење на населените места и на големи површини плодно земјиште. Со неговата регулација ќе се елиминираат поплавите, ќе се стабилизира водниот режим во Полошкиот регион, а ќе се контролира продукцијата и транспортот на речениот нанос.
Министерството за животна средина за овој проект ќе обезбеди 2 милиони и 600 илјади денари средства обезбедени преку Програмата за инвестиции во животната средина за 2016 година. Проектот треба да биде изработен во тек на четири месеци најдоцна до јули оваа година.