Насловна / Вести / Потпишан договор со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

Потпишан договор со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка

Во Министерството за финансии денеска беа потпишани договорите со Светска банка за заем од 83 милиони евра за реализација на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка. Изградбата треба да почне на пролет и да заврши за три години, односно до крајот на 2019 одина.

sb

Договорите за заем и за гаранција ги потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, вршителот на должноста директор на Канцеларијата на Светска банка во Македонија Бојана Нацева и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов. На потпишувањето на договорите присуствуваа и вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.

– Со потпишувањето на овој договор станува реалност експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка. Пат кој е од исклучително големо значење за граѓаните од североисточниот дел на Македонија, но  и за сите граѓани што патуваат кон Бугарија, бидејќи ќе се изгради нов модерен пат со по две ленти од двете насоки и кој ќе овозможи побрз и побезбеден проток, изјави по потпишувањето вицепремиерот Ставрески.

Заемот, како што рече, е одобрен по исклучително поволни услови, односно рок на отплата од 28 години, грејс период од 8 години и каматна стапка од 6-месечен еуролибор кој во моментов изнесува 0,88 проценти.

Според вицепремиерот Ставрески, реализацијата на овој поект е резултат на успешната соработка со Светска банка.

– Имаме исклучително добра и брза реализација на почнување со градба на патот и тоа е дел од вкупниот партнерски однос со Светска банка во изминатите 20 години, која  ја поддржа Република Македонија со 1,960 милијади долари вклучени во проекти. Дел се и грантови со кои се реализираат значајни проекти во делот на транспортната инфраструктура, енергетиката, земјоделството, социјалната, образованието и други сектори, изјави Ставрески.

Корисник на заемот е ЈП за државни патишта, а гаранцијата ја дава државата. Од вкупниот износ 78 милиони евра се за изградба на патниот павец, а 5 милиони за воспоставување систем за управување на мостови и институционална поддршка на ЈП.

Проектот, како што рече директорката на Канцеларијата Бојана Нацева, е предвиден во Стратегијата на Светска банка за патна инфраструктура во РМ поради важноста на патната мрежа за растот и конкурентоста на земјата.

– Со инвестирање во патната инфраструктура Македонија ќе обезбеди подобра поврзаност со регионалните пазари и ќе стане попривлечна дестинација за инвеститорите. Патиштата се клучни и за локалната конкурентост  и развој на туризмот, рече Нацева и додаде дека новиот проект ќе ја подобри транспортната поврзаност на корисниците долж Коридорот 8.

За министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски со овој проект Владата покажува дека го задржува континуитетот во изградбата на квалитетна инфраструктура.

– Оваа Влада е силно посветена во изградба на квалитетна инфраструктура. Тоа го покажува и фактот што во моментов се градат три нови автопати со вкупна должина од 156 километри и инвестиција од над 800 милиони евра. Само во еден месец почнавме со изградба на 5 регионални патни правци меѓу кои Битола-Буково-Ресен, Ново Село Мокрино-Смоларе, Нов Дојран-Николич со должина од 155 километри и вкупна инвестиција од 10 милиони евра, изјави Мисајловски и додаде дека овој месец или најдоцна следниот ќе почне рехабилитација на шест регионални патни правци, односно Смоквица-Гевгелија, Бошков Мост-Дебар, Делчево-Голак, Мелнички Мост- Центар Жупа, Лажани-Ропотово-Црнилиште, Кривогаштани-Обршани-Воѓнани и Клепач-Новаци, рече Мисајловски.

Александар Стојанов од ЈП рече дека ќе се изради нов модерен пат од 26 километри со променлива ширина од 11,4 до 12,5 метри. – Делницата, појасни, е поделена на два дела од Крива Паланака-Глобочица и Глобочица – Страцин. Ќе содржи и 22 моста, девет натпатници и 13 пропусти и две клучки.

На прес-конференција беше најавено дека за модернизација на Коридорот 8 ќе се реконструира и проширува и делот од Крива Паланка до Деве Баир.

 

Испрати коментар

Scroll To Top