Насловна / Архитектура / Потона ли Скопје во бессознание?

Потона ли Скопје во бессознание?

Среќните градови се гордеат со своите згради, фасади, улици, карактеристични места, музеи, легенди и легендарни локални личности. Се прашувам со што денес се гордее мојот град? Ни останаа ли само митовите и приказните за најстарите и најзначајни локалитети кои се девастирани и запуштени. Културното наследство е оставено да пропаѓа, а животот во градот е доведен до стадиум на неподносливост. По сите активности на архитектонските и невладините асоцијации, сите констатации, пишувања за подобрување на состојбите и тргнување во нова насока на решавање на проблемите се чини дека е дијалог на глуви што не помрдна ништо од мртва точка.

4H5A3270_resize

Ако една од темелните вредности на кои почива Уставот на Македонија е хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина, ќе потсетам дека во интерес на тие вредности ништо не е сторено. Откако запре реализацијата на позитивните проекти со кои требаше да се решава сообраќајниот хаос во градот и да се иницираат похумани решенија за најзначајните локалитети во централното јадро и пошироко (Холидеј Ин, Треска и сл.), министерот за транспорт и врски наместо да делува во позитивен правец, го смени членот 5 во Законот за урбанистичко планирање и уште изјави дека „урбанизмот не смее да се остави на политичарите.“ Со таа промена ги зацементира параметрите со кои се штити досегашната бетонизација на просторот, наполитанките на локалитетот Треска се враќаат во игра,  а на локалитетот Холидеј Ин најавена е изградба на Гранд Скопје, односно трите кули според стариот ДУП. „И што сега?“

4H5A5512_resize

ДА ФРЛИМЕ ПОГЛЕД ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО НАШЕТО НАЈБЛИСКО ОПКРУЖУВАЊЕ

Не треба да се биде член на ЕУ за да почнеме да ги поправаме состојбите во градот според европските мерила и квалитет. Заради чувството на припадност во просторот во кој географски припаѓаме, да фрлиме поглед на тоа што се случува во нашето најблиско опкружување: Британското архитектонско студио АЛ-А дизајнира концертна сала во Белград со покрив кој има за цел да го отсликува движењето на музиката. Објектот ќе содржи: сала за изведби со 1.600 седишта, подиумска сцена, рецитална сала и креативен центар.

Софија ќе гради мултифункционален комплекс „Софија Капитол Сити“ со високи згради, сличен на слични комплекси низ европските градови. Архитектонскиот проект е на бирото А и архитекти кое соработува со светски познатото дизајнерско биро Аткинс.

Во Тирана се изгради Зелената кула според проектот на најпознатиот италијански архитект, а за Народниот театар албанската влада го повика данскиот архитект Бјарк Ингелс и меѓународно афирмираната фирма Bjark Ingels Group (BIG).

Градот Бања Лука за својата мултифункционална концертна сала распиша меѓународен конкурс на кој учествуваа 110 труда од 38 држави. Исто како и за идејно пејзажно-урбанистичко-архитектонско решение за градскиот парк.

suton_6k_resize

Градот Подгорица распиша меѓународен анонимен конкурс за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за Плоштадот на независноста.

Сите овие балкански градови ги препознале визионерските идеи кои преку употреба на материјали, технологија, естетика и просторна организација го менуваат животниот простор и поимањето за улогата на архитектурата на животната средина.

4H5A5148_resize

СВЕТОТ ГО ДВИЖАТ КРЕАТИВНОСТА, УМЕШНОСТА И ПРИПАДНОСТА КОН ЗАЕДНИЦАТА

Дострелите на архитектурата во светот се фасцинантни. Сведоци сме на радикални решенија што го менуваат начинот на размислување и живеење, повеќенаменски зелени структури, технолошки решенија и објекти со високи амбиции за самоодржливост. Ќе речете за тоа треба многу пари, тоа се случува во богати развиени земји. Но, ако се погледнат најновите остварувања на архитектите од малите неразвини сиромашни земји, ќе се увиди дека светот го движат креативноста, умешноста и припадноста кон заедницата. „Сиромашните не можат да си дозволат сиромашни решенија“ ќе рече архитектот Кешо Чувдхури од Бангладеш. Тој со ефикасно користење локални материјали, со ограничени ресурси и средства успева да прави архитектура која се грижи за човекот и природата. Годинешниот добитник на Прицкеровата награда, архитектот Диебедо Франсис Кере од Буркина Фасо, јасно упатува на фактот дека е возможна архитектура која е одржлива за планетата и за нејзините жители во подрачје со екстремни ограничувања. „Фактот дека сте богат не значи дека треба да се расфрлате со материјал. Фактот дека сте сиромашен не значи дека не треба да се обидете да создадете квалитет“ ќе рече тој.

ПОМОДАРСТВО И НЕВКУС ЗАВЛАДЕА ВО СИТЕ СФЕРИ НА ЖИВЕЕЊЕТО

Сето ова го набројувам со единствена желба да ја поттикнам мислата, да го размрдам духот и да потсетам дека е возможно и дека е крајно време да се стори нешто за овој град. Сè додека сме заглавени во решавање на секојдневните елементарни потреби на граѓаните, како ѓубрето, паркирањето, метежот (што е елементарна обврска на институциите), ДУП-овите и процедуралните заврзлами и партизацијата, не е можно да ја видиме поголемата слика на градот. Додека се чекаат стратешките согледувања за идниот развој на градот што ќе бидат дефинирани со новиот ГУП кој е во фаза на изработка (а се чини дека и тој е во застој), има многу простор за интервенции и многу отворени проблеми на кои треба посветено да се работи: плоштадот, локалитетите Холидеј Ин, Треска, Расадник, реконструкцијата на салата на Поштата, мостот „Михајло Апостолски“, Калето, речното корито, Универзална сала. Сите овие објекти и локалитети беа тема на стручни опсервации и конкретни ангажмани. Локалитетот Холидеј Ин со најавената изградба на трите кули според стариот ДУП кој наводни има за цел „да ја редефинира урбаната слика на центарот и да го заживее градскиот дух“, не ги решава проблемите. Што со следните шест кули на останатиот дел од локалитетот? Локалитетот Треска по пожарот на постојните фабрички објекти е во привремен застој, а молкот околу распишаниот конкурс кој не беше ни изложен пред јавноста е прогласен за необврзувачки. Со сите можни ресурси и неизбежен стручен ангажман треба да се продолжи на изнаоѓање решенија во интерес на градот и животот во него.

4H5A9358_resize

Плански вложувања во културата и објекти наменети за култура одамна не се забележани. Се прашувам по сите атаци и напади на онаа девојка Андреа за една ненамерна грешка, што ќе стореше градот ако по некоја случајност донесеше евровизиска победа? Во која сала ќе се одржеше евровизискиот спектакл и кого ќе напаѓавме зашто нема пред која сала да го закачиме знамето? На овој град му е потребна повеќенаменска концертна сала со адекватен капацитет и содржина и за тоа некој треба да размислува и да обезбеди финансиска конструкција. Откако помодарство и невкус завладеа во сите сфери на живеењето сериозно треба да се постави прашањето каде треба да се сврти погледот? Културата е од витално значење колку и сè друго, таа е основа за идентитетот на народот. Јавните објекти од културата и скоро сите објекти за културни настани се градени во минатиот век во бившата држава. Објектот на Драмскиот театар одамна е во распаѓање, Театарот комедија функционира во руиниран објект, Детскиот театар исто така функционира во изнудено решение. Се појавија идеи за адаптација и пренамена на напуштени објекти како фабриката Купрум за која е изготвен проект за Студентски културен центар. Мислам дека такви објекти има и по населбите кои со мали вложувања може да се пренаменат во сцени за камерни изведби, рецитали и други културни настани со акцент на младите.

4H5A9480_resize

СЛИКАТА Е КОНФЕКЦИСКА И ПРОФИТЕРСКА

Станбената изградба која ги окупира сите населби и слободни простори е посебна тема. Кога е евидентно дека 59.300 станови во главниот град се празни, а за пет месеци новите градоначалници потпишале 355 дозволи за градба со вкупно 1.989 станови со што дополнително ќе се оптовари комуналната инфраструктура и животната средина, тоа е тема за сериозна социолошка и економска анализа. Прашањето „да се биде или да се има“ за мене всушност претставува интригантна општа слика на станбените комплекси. Со мал дел на исклучоци сликата е конфекциска и профитерска. Во голем обем становите се под секое ниво на функционалност и под дострелите постигнати од претходните генерации. Нема нови промислувања, нови идеи и нови обиди за живеење во хуманизиран простор. Има многу примери во светот каде преку дизајн и инклузивност се интервенира во стари четврти и на стари објекти, се оплеменува просторот, се анализира вклученоста на локалната заедница, просторот станува социјален и ја зголемува свесноста на жителите за нивната средина.

4H5A9536_resize

Скопје е најважната економска образовна и културна средина која зрачи врз целата држава. Квалитетна и одговорна градска власт во соработка со некорумпирана стручна фела, со интегритет и кредибилитет може и треба да се зафати да ги решава сите овие прашања во име на подобрување на состојбите. Некој ќе рече дека живееме во време-невреме, доаѓаат кризни времиња, нема пари и дека државата е преокупирана со горливи проблеми. Не се согласувам со таа констатација. Ние не сме во војна, а изговорот немање пари е константа 30 години. Сепак, без оглед колкави се износите, некакви пари во буџетот секогаш има и многу е важно да се знае како тие се трошат.

4H5A7662_resize

Градот е жива материја, расте, се развива, се менува, наше е дали ќе го препуштиме на стихијата или ќе интервенираме. Да се стане градоначалник на Скопје или на која било општина во Македонија е политичко прашање. Но да се биде градоначалник пред сè треба да е чест, одговорност, натпартиска разбраност и максимална посветеност кон градот и општината. Ќе ја цитирам максимата на еден њујоршки градоначалник кој секое утро кога тргнувал на работа изговарал „КОЛКУ ГО САКАМ ОВОЈ ГРАД!“

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

мк

*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија

Испрати коментар

Scroll To Top