Повеќекатна зграда од 17 век во Џенова е реновирана на највисокото ниво во пријатен и светол привремен дом за еден млад поморски инженер.
Италијанското архитектонско биро Dodi Moss го потпишува проектот за адаптација на карактеристичното поткровје наречено House for a Sea Dog. Имајќи предвид дека клиентот е млад поморски инженер, кој поголемиот дел од годината го поминува надвор од својот дом, во често тесни простори, архитектите го дизајнирале поткровјето на начин што ќе воспостават транспарентен и простран амбиент, со само неопходен број на прегради и врати кои одвојуваат различни функции за живеење, односно само во бањата.
„Овој дом е многу автентичен поради отсуството на граници. Овде нема други врати, освен онаа за бања“, велат од Dodi Moss за Dezeen. Наместо тоа со суптилни прегради и менување на нивото на просторот помогната е поделбата на различните функции на станот.
За да се искористат високите тавани во овој стан со вкупна површина од 110 квадратни метри распоредени на две нивоа, архитектите додадле меѓукатен простор во долната зона, кој е искористен како спална соба, додека под се наоѓа бањата, која го дели просторот на две различни зони.
Преку задржаните и реновирани скали се оди на горното ниво на станот, кое содржи една еднокреветна соба, како и пространа трпезарија со кујна.
Од ова ниво има пристап до две тераси, едната е организирана директно од кујната, додека другата е на кровот на објектот.
„Просторот е флуиден, поврзан на неколку нивоа и пред се минималистички и содржи само неколку едноставни работи, па затоа е речиси аскетско место над крововите на градот“, додаваат од Dodi Moss.
Еден од најважните елементи на реновирањето на поткровјето бил реставрацијата на дрвениот кров, кој сега е повидлив од кога било благодарение на воведувањето на полуниво.
Иако на прв поглед изгледа грубо, овој кров всушност има софистицирана конструкција која вклучува материјали рециклирани од расклопени чамци, вклучувајќи и јарболи за едрилици.
Според зборовите на дизајнерскиот тим, кровот ја демонстрира меѓусебната размена на градежните и поморските работници кон крајот на 17 век, во време кога Џенова сè уште била република. Така, во склад со тоа, додавани се нови материјали за да се дополни постоечката архитектура.
Скалите кои водат до спалната соба направени се со употреба на темен шкрилец, кој складно се дополнува со примена на камен од вулканска лава. Од друга страна, новиот дрвен под со својата нијанса складно се вклопува со дрвената влезна врата стара 300 години.
Бањите содржат оригинални керамички плочки за кои се верува дека потекнуваат од фабрика од Неапол од 18 век.