Фразата „Потемкинови села“ која се користи како метафора за обидите за создавање на лажен впечаток, потекнува од Русија и наречена е по војсководецот и кнез Потемкин, кој во време на Руско-турската војна (1787-1792) бил намесник на новоосвоените краеви (Крим и други територии северно од Црно море). Со цел да и прикаже на Катарина Велика дека Русија цвета и напредува, во 1787 година тој наредил изградба на импровизирани кулиси на непостоечки села, со селани и стада, покрај рутата по која минувала царицата на својот пат кон Крим.
„Потемкинови села“ е насловена и книгата на фотографот Gregor Sailer, кој документира различни верзии на Потемкинови села кои постојат низ целиот свет – од репликите на европски градови во Кина, па до градови за тестирање на возила и сл. Неговите фотографии ни го доловуваат светот на реплики, копии и фалсификати. За жал, и кај нас не недостасува инспирација за проект од овој вид.