Насловна / Арт и дизајн / Постхумна изложба на дела од Нове Франговски во Музеј на град Скопје

Постхумна изложба на дела од Нове Франговски во Музеј на град Скопје

Утре (25 април) во Музејот на град Скопје, во 19.30 часот, ќе се отвори постхумна изложба со наслов „Собитија“ на академскиот сликар Нове Франговски.

На изложбата ќе бидат презентирани над 110 дела од последниот циклус на Франговски „Собитија“, работени во последните 10 години.франговски

Со  презентирањето на оваа изложба во Музејот на град Скопје се опфаќа еден специфичен дискурс од развојот на творештвото на овој значаен македонски современ уметник, а тоа е неговиот најнов циклус дела, по кои Франговски досега не е познат на пошироката јавност, а во дадениот контекст ќе даде едно поинакво светло за неговиот уметнички развој.собитија

Последниот творечки опус на истакнатиот македонски сликар Нове Франговски е своевиден творечки рекапитулар по долгата авторска и животна патека, создаден како амалгам на сите научени и стекнати визуелни сензации и доживувања. Филозофијата на „себе-преиспитувањето“, „себе-докажувањето“, прашањата за сопственото јас, судирот со егото, ракурсите на „животот“ и „неговиот крај“, аспектите на постигнатото и достигнатото согласно предиспозициите и сопствените очекувања, издигнувањата и падовите, задоволствата и разочарувањата се само дел од семантиката на “чистиот ум“, кој сега веќе од одредена дистанца, со богато животно искуство се обидува да оствари надвремена комуникација со трансцеденталното, севишното, надприродното, ирационалното, божественото.

„Собитија“ се состои од два дела. Првиот, минијатури, кои се директно произлезени од последната негова апстрактно-експресионистичка фаза, со таа разлика што малите димензии на медиумот врз кој се интервенира го ограничуваат просторот за експонирање и акција, кој е клучен и предаден преку своевидна игра на телото и „битка“ со белото платно, т.е. „влегување“ во него, но од друга страна пак, минијатурите се многу „понеобврзувачки“, во нив пристапува со поголема слобода и без предрасуди и претензии, па оттука тие се многу подинамични, игриви и трепетливи Азиската калиграфија (кинеска или јапонска) извршила некаков, можеби и несвесен, импакт врз оваа стилска тенденција на авторот, а оттука и произлегуваат симболизмот, зенитизмот и метафизичката природа на овој тип на дела на Франговски.

Во вториот дел од „Собитија“, по кој и целиот последен опус на Франговски е насловен, уметникот веќе прави еден пресврт во творечкиот вокабулар, и во него се случува одредено навраќање на фигурата (се уште предадена со апстрактен јазик), навраќање на човекот, на антропоморфноста – толку својствена за неговите први фази во уметноста и стил по кој оставил свој единствен печат во тогашната југословенска ликовна сцена (70-ти и 80-ти години на минатиот век). Овие полни „крокија“ на апстрактни фигури се предадени во одредена акција, во движење, во игра, во танц/оро. Најчесто станува збор за полиптиси (повеќе платна споени за да формираат дело со големи димензии), на кои се предадени групации на фигури кои ритмично и мантрично го освојуваат белото платно, режејќи го со своите движења „полниот“ бел простор.

Изложбата ќе биде отворена до 16 мај во Музејот на град Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top