Изложба насловена „Огледалце, огледалце“, на која ќе бидат претставени повеќе од триесет ретки винтиџ-фотографии од мексиканската уметница Фрида Кало, е отворена во музејот „Трокмортон“ во Њујорк. Изложбата ја подготви Саломон Гримберг, еден од водечките експерти за животот и делото на Кало.
– Фрида првпат се виде себеси на фотографии, пред да ги открие огледалата. Нејзиниот татко беше фотограф и уште од малечка објективот и фотографиите беа составен дел од нејзиниот живот. Освен татко ѝ, ја сликаа и Лусиен Блох, Мигуел Алварез Браво, Андре Бретон, Дора Маар. Таа секогаш им беше привлечна на фотографите бидејќи поседуваше егзотична убавина и магичност со која заведуваше – вели Гримберг.
Составен дел од изложбата се фотографиите „Фрида ги храни патките“ на Гизел Фројн, трите слики на Николас Мареј – „Фрида и елените“, „Фрида и Чавела Варгас“ и „Фрида ги слика двете Фриди“, како и фотографијата на Дора Маар „Фрида и Андре Бретон во Париз“ од 1938 година.