На простор од 150 илјади м2, со вкупна изградена површина од 500 илјади м2 во општина Ѓорче Петров, веднаш наспроти Порта Влае и новиот кружен тек, денеска започна со изградба населбата Александрија, која е првата еко населба во Скопје.
Проект менаџерот на новиот проект, Александар Стефанов, изјави дека новата населба ќе претставува прва од ваков тип кај нас, и ќе ги задоволи сите еколошки стандарди.
„Ми претставува вистинска чест и задоволство што денеска заедно со вас започнуваме една нова етапа во нашето работење а тоа е е започнувањето на изградбата на првата ЕКО населба во Скопје – Александрија. Ние како фабрика во овој проект се вклучивме со сопствени финансии и ресурси за да ја изградиме оваа населба чиј камен темелник го поставуваме денес. Во оваа прилика сакам да изразам голема благодарност до Градежниот Институт на Македонија кој активно учевствуваше во изработка на проектот на населбата, како и на цела техничка документација“, изјави Стефанов.
„Во врска со овој проект можам да ви кажам дека околу 20 илјади семејства ќе имаат можност да живеат во исклучително стабилни градби кои ќе имаат и своја зелена површина на кровните површини како и на дел од терасите и останатите заеднички простории во рамките на населбата“, додаде тој.
„Денеска навистина сум горд што започнуваме еден ваков голем проект, кој е од големо значење за Општина Ѓорче Петров и градот Скопје, проект кој ќе биде пример за изградба на современи и еколошки населби, а воедно ќе привлече и голем број на станари и инвеститори во иднина“, изјави градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митревски.
На денешниот настан беше избран и кумот на населбата, на кој сопственикот на Фабрика Карпош и претседател на Надзорниот одбор на фабриката, Кире Стефанов му го додели клучот од гарсониерата. Кумот на населбата, Сашо Ендровски, беше избран по пат на извлекување, бидејќи името Александрија го дадоа повеќе од 30 учесници.
Населбата се наоѓа на само 200 метри од реката Лепенец, која претставува главен извор на свеж воздух во Скопје. По нејзиното течение преку Качаничката клисура, доаѓа главната струјница од ружата на ветрови во градот Скопје, обезбедувајќи му на ова подрачје чист и свеж воздух, дури и кога Скопје е под магла и штетни гасови. За нејзината чистота говори и фактот дека во близина на населбата се наоѓаат и главните бунари за водоснабдување на Скопје како доплнение на Рашче.
Лоцирана на пет километри од центарот на Скопје, населбата Александрија е поврзана со постоечки и новопредвиден булевар и на само 150 метри од кружниот тек кај Порта Влае. Овој простор има постоечка здравствена, трговска и социјална инфраструктура кој со новопредвидената урбанизација на просторот и многу зеленило, оваа еко населба ќе прерасне во уникатна населба која ќе биде идеален избор за секое семејство. Исто така, во населбата ќе има и голем број на игралишта, трговски центар, деловни објекти, бензиски пумпи, градинка, и многу други содржини. Првите станбени комплекси се предвидени да бидат вселиви до јули 2017 година.