Една од најголемите атракции на Барселона, делото на прочуениот каталонски архитект, Антонио Гауди, денас е музеј, но и станбена зграда. За да влезат во Casa Milà, туристите плаќаат 22 евра. Но, не и Ана Виладомиу, која во зградата, која годишно ја посетуваат милион туристи, живее повеќе од 30 години. Некогаш со сопругот и ќерките, денес сама.
Писателката Ана Виладомиу е една од последните три станари на зградата, која е нејзин дом, нешто што ја инспирирало да го напише својот трет роман „Последниот сосед“ (La Ultima Vecina).
„Во почетокот ме нервираа многубројните туристи, особено на влезот. Морав да се буткам со луѓето, заедно со торбите во раце и мали деца. Сега ми годи друштвото на обезбедувањето, хостесите и посетителите“, раскажува Виладомиу.
Сепак, приватност нема. Нејзиниот живот, друштво, расположение, па и она што го готви е пред очите на јавноста. Еднаш при готвење поради малку повеќе чад, во нејзиниот дел влетала противпожарна екипа.
Ана се прашува што ќе биде со куќата кога и таа веќе нема да биде таму. Досега, во такви ситуации, становите се пренаменувале во канцеларии.
Casa Milà е изградена помеѓу 1906. и 1912. година, а се наоѓа во самиот центар на Барселона. Едно е од клучните дела на Антониоо Гауди. Во 1984. година, прогласена е за културно наследство на УНЕСКО. Го добила и името La Pedrera, што на каталонски значи каменолом, поради својата неправилна камена фасада.