Електричните автомобили се актуелна тема, како „чиста“ варијанта со оглед дека нема издувни гасови, но останува дискутабилно прашањето на нивното производство, како и на потеклото на електричната енергија која ја користат за погон.
Според податоците на агенцијата DPA, електричните автомобили стануваат корисни за климата после изминати 65.000 километри, но само ако се користи енергија од обновливи извори за полнење на батериите. Во спротивно, односно ако се користи енергија од електраните на јаглен, оваа граница се покачува на 90.000 километри, се заклучува во извештајот на Германското здружение на инженери, кој има земено во предвид повеќе фактори вклучувајќи и анализа на емисијата на гасови низ целиот животен циклус на возилото, односно производството и транспортот на батериите. Последниот споменат фактор е особено важен, со оглед дека рударењето на литиумот, кобалтот и другите метали потребни за изработка на батериите е процес кој многу загадува. Но сепак, се смета дека возилата и натаму имаат потенцијал да бидат еколошки, доколку се анализираат на долг рок, споредено со другите возила. Кога производството на батерии ќе биде со пониско негативно влијание врз животната средина и кога ќе се најдат најдобрите начини за повторна употреба на батериите, овие возила ќе можат да бидат дури и климатски неутрални.