Глобалната температура во септември забележа рекорден скок и тоа со огромна разлика во однос на претходниот најтопол септември, поради што научниците го опишале порастот како „апсолутно ненормален“. Најтоплиот септември доаѓа после најтоплите август и јули, кој исто така ја понесе титулата „најтопол месец од кога се бележат температурите“. Високите температури доведоа до екстремни топлински бранови и пожари ширум светот.
Овогодишниот септември го надмина рекордот за 0,5 степени Целзиусови, што е најаголем досега забележен скок. Септември 2023 година е околу 1,8 степени Целзиусови потопол отколку во прединдустрискиот период. Податоците на европските и јапонските научници ги потврдуваат овие наоди. Екстремните жештини се резултат на продолжувањето со емитување на големи нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата, заедно со влијанието на најголемиот планетарен климатски феномен Ел Нињо. Претходните три години условите над Тихиот океан ги карактеризираше Ла Ниња, која ги снижува глобалните температури. Сега е на ред Ел Нињо, во текот на кој се ослободува топлината складирана во океаните и се подига температурата на воздухот. Сите параметри зборуваат дека е сосема извесно дека 2023 година ќе биде најтоплата откако се бележат температурите, и дека 2024 година ќе биде уште потопла.