Во организација на Здружението Македонски комитет за големи брани (ЗМКГБ или MACOLD) беше реализирана стручна посета на брани со придружни објекти и хидроцентрали во Грција, во периодот 23 – 26 април 2023 година. На стручната екскурзија учествуваа 43 членови на ЗМКГБ, вработени во градежни компании, хидроенергетски претпријатија, инженеринг фирми и научни институции во РС Македонија.
Брана Маратон
Брана Маратон, презентација
Стручната екскурзија беше во целост спроведена според усвоената техничка програма, предложена од претседателот на Грчкиот комитет за големи брани (GCOLD). Со оваа стручна посета на брани, која всушност е петта – организирана од MACOLD, избрана e Грција, зашто таму градбата на брани во последните 25 години е импресивна. Во тој период се изградени околу 110 големи брани од различни типови, меѓу кои и Face Symmetrical Hardfill Dams (FSHD) и Concrete Face Rockfill Dams (CFRD), кои сѐ уште не се изградени во Македонија. Воедно, таа има изградено квалитетна и разновидна водостопанска и хидроенергетска инфраструктура, чие запознавање може да го унапреди искуственото знаење на хидротехничарите од нашата земја.
Брана Маратон, низводна страна
Брана Маратон, узводна страна
Брана Маратон, круна на браната
Прво беше посетена првата брана изградена во Грција во 1929 година, масивната брана Marathonas, висока 54 м, обложена со мермерни плочи, наменета за водоснабдување на Атина. Потоа, беше посетена каменоземјената брана (висока 136 м) и хидроцентралата Mornos.
Акумулација Морнос, заштита од филтрационен пробив на лев брег
Брана Морнос, презентација од George Dounias
Брана Морнос, низводна косина
Брана Морнос, узводна косина
Вториот работен ден, започна со посета на хидроцентралата и каменоземјената брана (висока 96 м) Kastraki, продолжи со посета на каменоземјената брана (висока 165 м) Kremasta и со попатно разгледување на браната Stratos.
Брана и хидроцентрала Кастраки, низводна косина
Брана Кастраки, брзотек
Брана Кремаста, презентација од Chara Papachatzaki
Брана Кремаста, поглед од круна кон низводна косина
Брана Кремаста, челен преливник со сегментен затворач и брзотек со ски скок
Хидроцентрала Кремаста, со надворешен кран и покривни капаци за агрегати
Хидроцентрала Кремаста, доводни челични цевководи
Последниот работен ден беше посетена хидроцентралата и камената брана со бетонски екран (висока 150 м) Messochora, а продолжи со посета на каменоземјената брана (висока 130 м) Ilarionas. Во крајниот дел од студиското патување попатно беше разгледана браната Sfikia.
Хидроцентрала Мезохора
Брана Мезохора, узводна косина
Брана Иларионас
Хидроцентрала Иларионас
ХЕЦ Иларионас, поглед кон низводна косина на браната
Брана Иларионас, одводен тунел на челен преливник
Брана Иларионас, узводна косина и акумулација
Брана Стратос
Учеството на вакви стручни екскурзии е од непроценливо значење за хидротехничарите, посебно за помладите колеги, независно од тоа дали се бават со теориска или практична дејност во Инженерството за брани. Ја ползувам оваа пригода да се заблагодарам на колегите од Грција, Chara-Rea Papachatzaki (Претседател на GCOLD), George Dounias (Поранешен претседател на GCOLD) и Konstantinos .Anastassopoulos (Почесен претседател на GCOLD), кои постојано нѐ придружуваа на студиското патување, како и за нивните презентации за основните карактеристики на посетените хидротехнички објекти.
Брана Иларионас, круна на браната
Се заблагодарувам на докажаните пријатели на ЗМКГБ – спонзори/донатори на оваа стручна екскурзија со чија несебична финансиска поддршка беа покриени дел од трошоците на организаторот. Воедно, моја благодарност до туристичката агенција Савана од Скопје, која по трет пат успешно организира стручна екскурзија со посета на тешко достапни преградни профили за брани и хидроцентрали и посебно до љубезниот и елоквентен Никола (водич на студиското патување), кој стрпливо ги решаваше сите проблеми на учесниците. На крајот, би сакал да ја подвлечам исклучителната сериозност и студиозност на групата, што е најдобриот потстрек за ЗМКГБ во иднина да планира и спроведе и други слични екскурзии во земји кои, според предлозите на учесниците на оваа студиска тура, би можеле да бидат: Србија, Турција и Албанија.
Автор: Проф. д-р Љупчо Петковски, Градежен факултет во Скопје