Изложбата на цртежи во комбинирана техника – цртеж и дигитална фотографија – од циклусот „Портретирани сеќавања“ на Јана Манева-Чупоска, отворена e во галеријата на НЛБ Тутунска банка. Изложбата ја отвори писателот Јордан Плевнеш.
Во текстот на каталогот по повод изложбата „Портретирани сеќавања“ на Јана Манева-Чупоска, ликовниот критичар и историчар на уметноста Наде Пешева напиша: „Во доба на дигитални технологии и постојано редефинирање на предметот на уметноста и опфатот на нејзините граници, интересот на авторката Јана Манева-Чупоска се врти кон асоцијативните форми кои ги побудуваат во нас ’заспаните‘, навидум подзаборавени, но дефинирани архетипови, предавани од колено на колено, како дел од една колективна меморија поврзана со прашањето на културните и етно-идентитети“.
„Кругот, елипсата и другите рамковидни геометриски површини образуваат едно чувство за прегледување или пак, кажано филмски, проектирање на пози од ексклузивен споменар, со интимистичка топлина и со патина која ни е мошне блиска, со повеќеслојно препознатливи кодови од нашиот културно-егзистенцијален бит и корен, истргнати од визуелното, ако сакате, генетско наследство“, се мотивите кои во делата на Јана Манева-Чупоска ги препознава режисерот Горан Тренчовски.