Кога Simone Gordon и Sophie Van Winde, основачи на студиото Owl Design со седиште во источен Лондон, добиле задача од нивниот познат клиент-кантавтор, да го редизајнираат неговиот нов стан во центарот на Лондон, имало само едно правило – нема правила.
Зградата од 25 ката проект на Foster + Partners во која е сместен овој дом со три спални соби има карактеристичен архитектонски стил, оригиналниот ентериер на станот бил во беж тон.
„Отидовме да го видиме со нашиот клиент и тој рече: ‘Токму ова не го сакам!“, се сеќава Ѕimone и додава: „Беше премногу досадно. Сакаше нешто со wow фактор. Имаше одлично уметничко дело на Дејвид Боуви, кое е прилично геометриско со црвени и сини бои. Тоа помогна да се постави тонот“.
Една од првите одлуки била да се заменат постоечките дрвени подови со сјаен Marmoleum (модерна, еколошки прифатлива алтернатива на линолеум) со геометриски дизајн.
Како дополна на подот, во ходникот е користена богата сина боја, каде се наоѓа и портретот на Дејвид Боуви. Во дневната соба со отворен план се отстапува место на ѕидови во нежна зеленкаста нијанса, што обезбедува заднина за експлозија на бои и дезени.
„Размислувавме за нешто со благ призвук на Мемфис“, вели Ѕimone, „но повеќе станува збор за создавање разигран изглед отколку за копирање на тој стил“. Од разиграните полици до заоблениот тросед и тепихот, многу детали се направени по мерка, прикажувајќи суптилни одеци на италијанскиот дизајн од 1970-тите и 80-тите.
Сите се сложиле дека е потребно оваа динамика да се пренесе во остатокот од станот, вклучувајќи ги спалните соби, просторијата за медиуми, па дури и блескавата, украсена со мозаик, гостинска бања, каде што песна на Боуви се слуша веднаш штом ќе влезете внатре. Кујната, добила свежа боја и нови плочки, да одговара на високооктанската енергија на овој дом.
„Бидејќи нашиот клиент не го користи апартманот постојано, сакавме малку да создаеме чувство на бутик-хотел, а тој особено го сака барот“, вели Sophie, мислејќи на плакарот за пијалоци поставен помеѓу дневната соба и трпезаријата. Кога ќе се отвори се открива фантастично светло црвено.
Тоа е уште еден момент на изненадување и возбуда во стан каде што, додава Sophie, „секоја соба се чувствува како простор за забава“.