Интервју со Мирче Адамчевски, прв главен уредник на Порта 3
Во далечната 2004 година една идеја на сегашниот директор на АДИНГ, Благој Дончев, успешно се реализираше до крај. Тој имаше идеја, а Мирче Адамчевски новинарско искуство. Двајцата имаа заедничка цел. Да се направи списание кое го нема на македонското новинарско небо. Па се формира издавачко друштво, кое беше поддржувано од АДИНГ, како главен спонзор, но не и основач. Подготовките за излегување на првиот број траеја неколку месеци. Името – имаше неколку варијанти на Порта, за конечно да се усвои Порта 3. Што значи тоа? Порта е архитектонска форма. Но порта значи влегување и излегување во нешто што е од ваму или од таму. И човекот секогаш сакал да открие што стои зад затворените порти. Портите се и опеани. А тројката – таа беше симбол на она што го содржи списанието. Архитектура+градежништво+екологија. Постоеја дилеми за вклучувањето на екологијата во тројката. Но, од денешен аспект тоа се покажа како вистински погодок. Јубилејот, 15 години од излегувањето на првиот број на Порта 3 е повод за разговор со Мирче Адамчевски, првиот главен уредник на списанието и негов долгогодишен соработник, кој минатата година го препушти местото на помладите, тие да внесат свежа крв во него.
Веќе 15 години Порта 3 отвора теми, ги анализира, ја предизвикува јавноста. Со која тема Порта 3 најмногу се гордее?
–Јас не знам со која тема најмногу се гордее Порта 3, но јас се гордеам со фактот дека еве веќе 15 години, како што велите, списанието отвора теми. Тоа е ризница за кој било човек, а посебно на оние на кои им се блиски архитектурата, градежништвото и екологијата. Пред некоја година во Редакцијата дојдоа група студенти од Архитектонскиот факултет, ги отвораа комплетите на списанието и се изначудија што сè е напишано и што сè се содржи во нив. За 15 години излегување објавени се стотици теми, од архитектурата, од градежништвото, од екологијата. Стотина интервјуа со поединци кои значат нешто во областите кои ги опфаќа Порта 3. Ако ги отворите првите броеви на Порта 3 ќе најдете теми кои се актуелни до ден денес. Речиси нема град од државава кој не е застапен во списанието. Имавме дописници речиси од сите поголеми градови. Сме претставувале архитектонски проекти, сме пишувале за дивоградбите, за инфраструктурата, за урбанистичките злоупотреби. Сме ги претставувале сите поединци кои значат нешто во македонската архитектура. Сме соработувале со архитектонските манифестации „Андреа Дамјанов“, со Биеналето на архитектурата организирано од Асоцијацијата на архитектите, со Манифестацијата за Големата награда за архитектура… Со факултети, компании… Во Порта 3 ќе најдете теми од нашето соседство, ексклузивни теми. Или пак теми од подалеку, исто така ексклузивни. Прво од Велика Британија, па сме имале од Јапонија, Тајланд, Италија, Португалија, некои можеби заборавив… И сите биле напишани ексклузивно, односно, специјално за Порта 3. За мене пак лично најмногу ми значеше серијата текстови која траеше подолго од една година, посветена на проектот „Скопје 2014“. Сите истражувачи на тој квазиархитектонски и уништувачки феномен, доколку некогаш ги анализираат стотината авторски текстови напишани по тој повод, од критичари или поддржувачи на проектот, ќе можат да се уверат за вистинската мисија на нашето списание – да се проговори за опасноста што ја носи тој проект, наречен од некој од учесниците во серијата – „Буре барок“. Но за жал силата на Порта 3 не беше така голема за да може да влијае врз умовите на оние кои намериле да го уништат централното градско подрачје на Скопје.
Првата насловна страница на Порта 3
Колку навистина е потребно кај нас списание кое ги обработува овие теми? Што значи тоа за нашиот медиумски простор?
-Непрекинатото 15-годишно излегување на Порта 3, најнапред како двомесечник, па по долги години и најмногу предизвикано од неиздржливите трошоци, како месечник, покажа и покажува дека во Македонија има потреба од ваков вид списание. Последниве години списанието има и своја ВЕБ-страница. Но таа не може да ги замени чувството и потребата списанието да биде печатено на квалитетна хартија. Во светот се посветува многу внимание на ваквите списанија. Да, тие се многу скапи, но секој квалитет се плаќа. Порта 3 можеби ќе дадеше и поголем квалитет во изминатите години, ќе можеше да вработи повеќе соработници, ако компаниите кои се опфатени од областите кои ги покрива списанието, имаа општествена свест дека треба да го помогнат неговото излегување. Треба да им се благодари на оние кои на некаков начин ја поддржуваат Порта 3, но има уште стотици и тоа квалитетни, кои како да не го забележуваат списанието. Објавувањето на реклами или маркетиншки текстови во Порта 3, или обичната претплата, не се за да им се зголеми продажбата на производите или услугите на тие компании или збогатување на Порта 3. Има компании, кои велат дека немаат потреба од реклама. Па се знае дека немаат, ама со поддршката на Порта 3 тие ќе работат во полза на архитектурата, на градежништвото, на екологијата во државава. Работите треба да се гледаат пошироко, а не само од лична полза. Јас би повикал претставници од тие компании, да пролистаат и да видат што сè напишала Порта 3 во изминатите 15 години. Да видат каков придонес таа дала во архитектурата, во градежништвото, во екологијата. А со нивна поддршка тој би бил уште поголем.
Имало ли моменти на влијанија и притисок однадвор врз уредувачката политика и темите обработени во Порта 3?
-Директен притисок однадвор немало, колку што знам. Порта 3 како медиум се обидуваше да гради уредувачка политика која не би задирала во дневната политика. И во голем степен успеваше во тоа. Никој не им кажувал на авторите на текстови во Порта 3, како да пријдат или како да обработат некоја тема. Тие имале целосна слобода. По објавувањето на некои текстови доаѓало до внатрешни дискусии, понекогаш жолчни кои речиси секогаш завршувале со коректно.
Во состојба на општествена криза која неминовно се отсликува во областите кои ги покрива Порта 3, колку е важно да се има стручност, но и храброст да се анализираат состојбите отворено? Имала ли Порта 3 доволно храброст да ги нарече работите со вистинското име?
-Во одговорите погоре јас ви кажав елементи кои потврдуваат дека во состојба на општествена криза Порта 3 имала храброст да ги анализира и со вистинско име да ги нарече појавите во услови на криза. Но не треба да се зборува за храброст. Треба да се појде од потребата дали треба или не да се обработи една тема. Еве, на пример, за Јужниот булевар во Скопје. Неодамна од доста верен извор ми беше речено да го заборавам. Дека е скап (би биле потребни 300 милиони евра), дека градежната мафија не е вклучена во таквата одлука… Дека нема да се прави според варијантата од генералниот план. Според мене ќе има крпеници од булеварот. Но, тоа е мој проблем. Сега, списанието треба да оцени има ли потреба од отворање и истражување на таа тема? Ако има, тогаш треба да се бараат луѓе коишто ќе можат да го направат тоа. Луѓе кои се стручни, кои ќе бараат одговори зошто, на пример, треба да се заборави на Јужниот булевар во првобитната форма. Зошто би чинел 300 милиони евра. Која е предноста на сегашните сообраќајни решенија во однос на булеварот, има ли клиентелистички односи меѓу градските власти, сите во изминатите педесетина години, со градежни компании и уште многу други прашања.
Да се вратиме години наназад кога ја имате почнато Вашата кариера како новинар. Оттогаш наваму Мирче Адамчевски станува новинарско име. Што сè имате работено?
-Мечтата да бидам новинар ме следеше од младешки денови. Иако образованието ме гонеше да одам да работам во индустрија, дипломирав на Технолошкиот факултет во Скопје со еколошка тема, јас ниту еден ден не се расправав со суровини, репроматеријали, тогашни работнички совети… Имаше конкурс за новинари во „Нова Македонија“, па се пријавив. Услов беше високо образование и тридневни тестирања. Па така работниот стаж од прв ден ми е главно во новинарството. Најнапред во „Нова Македонија, каде што ги поминав сите скалила. Од приправник до главен и одговорен уредник. Шест години поминав во Москва, како дописник на весникот. Во 2004 година почнавме со издавање на Порта 3. Две години потоа поминав двегодишен мандат во Советот за радиодифузија, како претседател, за потоа повторно да се вратам да соработувам со Порта 3. И така сè до септември минатата година. Во меѓувреме бев активен во новинарски здруженија и медиумски организации. А и денес не сум надвор од нив, ниту пак од редовното пишување.