Со влегувањето во 17-та година од своето постоење пред вас ќе го имате 300-тиот број на нашата и ваша „Порта 3“. Бројка која навистина е за почит, а која на почетокот изгледаше многу далечна. Но, ете. Желбата да се има специјализирано списание, за области кои сите ги засегаат, доведе до овие 300 броја. Иако сме надвор од дневнополитичките известувања, сепак обработуваме области кои подеднакво се дел од секојдневието. И нема да бидеме скромни туку напротив ќе кажеме дека веќе сме препознатливи и единствени на пазарот. За успехот, пак, заслужни се и нашите редовни соработници кои несебично се даваат себеси со секој напишан текст, истражена и обработена тема. Затоа голема благодарност до сите нив, како и до спонзорите кои се наши верни пријатели и поддржувачи и кои знаеја да препознаат квалитет. Дека „Порта 3“ им е при срце на разни профили на читатели говорат и коментарите кои ни ги испратија по повод овој наш јубилеј.
Проширување на видиците
Мирче Адамчески, новинар, прв главен уредник на Порта 3
Секое здание поставено на здрав темел со години ќе им пркоси на сите предизвици во годините што ќе ги минува. Така е и со Порта 3. Темелот поставен во далечната 2004 година и покрај некои потреси што се јавуваа со текот на времето, ја издржа и ја издржува неговата проверка. Еве пред нас е 300-тиот број на списанието.
Во изминатите години Порта 3 покажа дека е незаменлив дел од медиумското покритие на она што се случува, што се случило и што ќе се случи во градежништвото, архитектурата и во екологијата кај нас, во регионот и пошироко. Списанието, со неговото читање, им ги проширува видиците или им ги потврдува познавањата на читателите. Порта 3 веќе 17 година упорно ја игра својата улога.
Во сето ова е жално што надлежните министерства и други институции, некои еснафски асоцијации, па и поединци не ја препознаа или не сакаа да ја препознаат улогата на списанието. На овој план можеби ќе треба нешто повеќе да направат младите ентузијасти од Порта 3. Да се наметнуваат со квалитетни четива и други содржини и упорно да им ги туркаат под нос на погореспоменатите. Сите тие само се чукаат во гради за грижата за градежништвото, архитектурата и екологијата, а ништо не направиле да ги осознаат проблемите и достигнувањата во тие области, читајќи ја и поддржувајќи ја Порта 3.
Бренд со препознатлив квалитет
Декан, Проф. Д-р Златко Србиноски – Градежен факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје
Имам особена чест и пријатна должност да Ве поздравам во името на Градежниот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и да Ви се заблагодарам за долгогодишната соработка.
Голема е честа да се биде дел од издавање на јубилејниот 300-ти број на нашето ценето списание Порта 3 за градежништво, архитектура и екологија каде Градежниот факултет е редовно присутен во повеќе области.
Порта 3 е центар за развој на слободната и научната мисла и стручна практика од областа на градежништвото, архитектурата и екологијата. Од друга страна, Градежниот факултет е најстара и најреномирана високообразовна институција од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката во нашата земја и вистински лидер во делот на техничките науки. Затоа сметам дека соработката на нашата матична куќа со Порта 3 има далеку поголемо значење од вообичаените релации кои факултетот ги има со останатата стручна периодика.
Порта 3 е бренд со препознатлив квалитет во пошироки рамки и воедно списание кое постојано ги следи сите нови трендови и современите стручни настани, а наставниот и соработничкиот кадар на Градежниот факултет има голем придонес во афирмирањето на списанието Порта 3 и секогаш придонесува во збогатување на содржините со интересни теми.
Ја користам оваа прилика да Ви посакам уште многу јубилеи, многу убави настани, а Градежниот факултет секогаш ќе биде достоен поддржувач на Вашата работа.
Промовира факултетски активности
Архитектонскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје
Една од главните содржини на секој број од стручното списание Порта 3 е архитектурата. Оттука и соработката со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – најстарата, најголемата и најквалитетната институција во која се изучува архитектурата во нашата земја е неизбежна. Порта 3 уште од своите почетоци континуирано покажува интерес за работата на Факултетот, ги следи настаните во негова организација и активно ги промовира факултетски активности. Честитајќи ви го 300-тиот број, посакуваме, во годините пред нас, нашата соработка да стане уште подлабока и Порта 3 да биде медиумот преку кој пошироката јавност ќе се запознае со уште многу квалитетни проекти, настани, изложби и интервјуа со студентите и професорите на Архитектонскиот факултет – Скопје.
Добитна комбинација
Проф. Д-р Мишко Ралев, претседател на ААМ
Ти пожелувам добре дојде 300-ти броју на ПОРТА 3, ти кој си исклучок од правилото дека кај нас ништо не опстојува толку долго, а особено не во печатениот медиумски сектор, а никако од областите кои ти ги покриваш. Од аспект на архитектура, слободно може да кажам дека ПОРТА 3 е веќе на општиот список на архитектонските институции кај нас. Моделот на списанието како амалгам помеѓу различни, но компатибилни области на обликување, конструирање и експлоатирање на просторот, се покажа како посебен и занимлив издавачки концепт и се докажа како добитна комбинација – 300 броја. Но, она што е најбитно во оваа „Серија 300“ е компетентната промоција и значајното размислување за развојот на современата македонска архитектура. И самото име „ПОРТА 3“ симболично ја дефинира улогата на списанието да ги отвора портите на сознанието за архитектурата, градежништвото и екологијата за сите заинтересирани. Мојата соработка со ПОРТА 3 се одвива одамна и тоа на 3 нивоа: професионално како архитект, едукативно како професор на Факултетот за архитектура и дизајн и најново како претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а се надевам дека истата ќе продолжи и ќе придонесе за многу позитивни искуства.
Ни останува само да уживаме во читањето
Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија
Да се биде креативен, да се истражува за да се напише актуелен текст кој ќе биде занимлив и широко прифатен, да се биде успешен во овој модерен дигитализиран свет, а сепак да се зачуваат традиционалните вредности во време во кое вистината се третира како неутврден факт и лична констатација, а лагата како фактичка состојба и актуелна тема, претставува мисија која може да ја исполнат само најдобрите и најприспособливите луѓе со широки погледи.
Мојата констатација е дека токму таквите луѓе се основата на која се темели списанието ПОРТА 3 и тимот кој секојдневно вложува голем труд во креирање на содржините поради кои е неминовен успехот што ова стручно списание го постигнува, имиџот кој го поседува и популарноста која ја има.
Нам читателите ни останува само да уживаме во читањето на внимателно одбраните содржини, да се надградуваме во струката и да веруваме дека квалитетот кој веќе е потврден од верните читатели ќе продолжи да го препознаваат и афирмираат идните генерации. Понатамошните успеси ќе бидат привилегија за нас кои сме дел од струката и кои знаеме дека навремената и точна информација е богатство на денешницата.
Континуирана едукација
Владимир Б. Ладински, дипл. инж. арх., соработник
Искрени честитки за јубилејниот 300-ти број на Порта 3 со желби за понатамошни успеси. Од декември 2004 година Порта 3, прво преку своето печатено издание, а подоцна и преку веб- порталот ја информира стручната и поширката јавност за актуелните теми во доменот на градежништвото, архитектурата и екологијата. Така, преку своето медиумско делување, Порта 3 придонесува кон континуираната едукација на стручните лица и издигање на свеста и културата во доменот на изградената средина во земјата. Среќно и успешно кон следниот јубилеј.
Има своја публика и меѓу стручната и меѓу пошироката јавност
д-р Даниела Младеновска, дипл. маш. инж., соработник
Станав соработник на списанието Порта 3 пред повеќе од една деценија, а со свои содржини на порталот сум присутна од самиот почеток. Соработката дојде сосема случајно, по една работилница за енергетска ефикасност. За мене тоа беше чест, задоволство и предизвик во исто време. Како дипломиран машински инженер и доктор по технички науки во фокусот на мојот интерес се енергетската ефикасност и одржливото енергетско планирање, па сосема логично се наметнаа и другите теми кои низ сите овие години ги третирам и кои неодминливо се поврзани со екологијата, одржливиот развој и новите технологии. Ме радува фактот што списанието има своја публика и меѓу стручната и меѓу пошироката јавност. Мене лично пишувањето на прилозите ми донесе огромно задоволство и ми стана омилено хоби. Низ годините, Редакцијата ми даде привилегија да запознаам прекрасни луѓе, ентузијасти кои посветено пристапуваат кон подготовката на секој број на списанието – и така до извонредната бројка од 300. Во последно време неретко во разговор со мои познаници кои воопшто и не знаат дека сум дел од оваа приказна, слушам коментари дека во Порта 3 има „добри работи“. Тоа ми е најголемиот комплимент и потврда дека сме на добар пат. До наредната „стотка“!
Како светилник
Љупка Дуковска, дипл. инж. арх., соработник
Се радувам на поводот за пишување на овие неколку реда, како мој мал прилог за 300-тиот број на списанието Порта 3. Исто како што пред повеќе години се израдував кога дознав за списанието. Помислив, ова е неопходно за архитектурата, градежништвото, екологијата, дејностите кои се многу важни за развојот, одржувањето и опстанувањето на секоја земја. Постојат толку многу дела од архитектонското минато на човештвото, а уште повеќе од сегашноста, за кои треба да се пишува… да се предочуваат пред јавноста, да се укажува на грешките, но и да се потенцираат убавите работи.
Мојата соработка со Порта 3 почна пред повеќе години, во периодот кога слушнавме за проектот „Скопје 2014“ и обидот на ова списание да го обезбеди мислењето на што поголем број архитекти за овој проект. Да овозможи еден вид јавна дебата, за која беше евидентно дека недостасува. Мислев дека е тоа одличен потег, бидејќи малку се слушаше мислењето на професионалците.
Со големо задоволство почнав да пишувам за Порта 3 и за архитектите кои создаваат и градат современи објекти, кои стануваат симболи на земјите во кои се градат, кои некогаш предизвикуваат полемики и дискусии, но сепак ја испишуваат историјата на современата светска архитектура.
Се радувам на 300-тиот број на ова професионално списание. Порта 3 ја доживувам како светилник, како патоказ за професионално информирање во областа на градителството, кое било и ќе биде една од најзначајните дејности кај нас, кај овој прекрасен, креативен народ.
Убаво освежување
Проф. Д-р Влатко Шешов, директор на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС
Соработката со уредувачкиот одбор претставува навистина големо задоволство.
Темите и информациите презентирани на страниците на Порта 3 , се секогаш актуелни и корисни за градежните инженери и градежната наука во нашата држава.
Порта 3 е навистина убаво освежување во медиумскиот простор, особено во делот стручни списанија, кое придонесува и во промоција на нови навики за убаво и модерно, урбано живеење.
Се надеваме ќе опстоите во презентирање на вистински и проверени информации и покрај сите финансиски предизвици и тешкотии кои го обременуваат ова време.
Честитки од целиот колектив на ИЗИИС за големиот јубилеј 300. број и најдобри желби да продолжите со успешна работа и уште многу, многу броеви на Порта 3.
Некогаш сон, денес реалност!
Благоја Дончев, Претседател на УО и генерален директор на АДИНГ
Како да беше вчера, а поминаа 17 години од мојот сон кој стана реалност со излегувањето на првиот број на Порта 3, а еве го и 300-тиот број.
Во сонувањето ми се приклучија и моите АДИНГОВЦИ со кои ја имавме истата матрица од нашиот АДИНГ, компанија која секогаш го имала и го има поривот да биде чекор пред другите, освен во Македонија и регионот и многу подалеку во светот докажувајќи дека и ние можеме. Знаевме што сакаме, знаевме што ни треба. Ни требаше Порта 3, ѝ требаше на нашата струка, му требаше на градежништвото, архитектурата и екологијата, како што на човекот му треба вода, сонце и воздух.
Но, ни требаа и новинари кои сакаа да го работат тоа што требаше да биде Порта 3. Во тоа време многу добро познавав еден новинар, мој многу добар пријател од пропаднатото големо НИП (новинско-издавачко претпријатие) „Нова Македонија”. Му ја раскажав идејата и така почна. Тоа беше г-динот Мирче Адамчевски човек од техниката по струка, а професионален новинар кој ја прифати идејата да правиме списание. Убедив уште дваесетина основачи, направивме буџет и на голема врата влеговме во македонската историја. Најголемата поддршка Порта 3 ја добиваше од Адинг, а постепено и од другите компании во градежништвото која поддршка трае до денеска.
Но мојот сон не е до крај исполнет. Сонот е Порта 3 да биде регионално, балканско списание кое ќе ја обедини струката. Ја споделивме идејата со повеќе наши познаници во Белград, Тирана, Приштина, Софија и други градови. Има поддршка, но тоа е инвестиција и бара концепт преточен во БИЗНИС-ПЛАН и финансиски средства со поддршка на струката и професиoнален ТИМ кој тоа ќе го води и реализира.
Ова беше едно мое потсетување како почнавме, останатото е историја.
Се надевам дека некоја идна генерација ќе го отсонува и реализира мојот сон.
Нека ни е ЧЕСТИТ 300-тиот број на сите кои го уредуваат списанието, новинарите, соработниците и секако читателите и сите кои го сакаат и почитуваат списанието.
Продолжуваме… !