Трка за освајување на вселената се претвори во конкурентен пазар на моќните компании. После успехот на Илон Маск, Џеф Безос и Ричард Бренсон, во трката се вклучи и „Порше“, инвестирајќи во германскиот стартап Isar Aerospace. „Порше“ со вложувањето во Isar Aerospace, сака да има пристап до вселенските технологии, а постои и можност некои од нив да се најдат во автомобилската индустрија. „Порше“ се придружи на инвеститорите HV Capital и Lombard Odier и вложи 75 милиони евра, со што вкупната инвестиција порасна на 165 милиони американски долари. Стартапот Isar Aersopace е сеуште релативно непознат , но неговите амбиции се екстремно високи со оглед на тоа дека целта е натпревар со компаниите „Блу ориџин“ на Џеф Безос, како и „Спејс икс“ на Илон Маск. Додека „Блу ориџин“ и „Спејс икс“ веќе напредуваат со вселенските мисии со екипаж, Isar Aerospace верува дека може да се натпреварува на конкурентниот пазар за лансирање на мали сателити во Земјината орбита. Компанијата Isar Aerospacе оваа година започна со изработка на ракетата „Спектрум“, а во процесот на производство се користи и 3D печатење и автоматизација, со цел да се намалат трошоците. Оваа ракета ќе може да понесе околу 1000 килограми товар. Првиот пробен лет е најавен за наредната година.