Милитантите на Исламската држава (ИД), ја срушиле големата џамија Ал-Нури и нејзиниот минарет во Мосул, соопшти ирачката армија.
Џамијата, изградена во 1172 година и нејзиното таканаречено „грбаво“ минаре беа избрани како место каде што лидерот на ИД Абу Бакр ал Багдади во јули 2014 година се прогласи за калиф, на, како што се надеваше, милитантна империја во Ирак и Сирија.
Новинската агенција на ИД, Амак, за рушењето на џамијата ја обвини американската војска.
„Припадниците на ИД извршија уште еден историско злосторство. Тие ја урнаа џамијата Ал-Нури и нејзиниот минарет Ал-Хабда“, соопшти ирачката војска.
Експлозијата се случила кога единиците на ирачката армија се доближиле на околу 50 метри од џамијата, која се наоѓа во стариот дел на Мосул.
Ирачки официјални претставници се надеваа дека нивните сили ќе успеат да стигнат до џамијата пред крајот на Рамазан.
„Неговото црно знаме се вееше на познатото минаре скоро три години и неговото уништување претставува признавање дека Исламската држава е пред пораз“, изјави ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади.