Државата го продава објектот на поранешната Специјална детска болница, кој се наоѓа на атрактивен дел од охридското крајбрежје во населбата „Свети Стефан“ во Охрид.
Детската болница не работи повеќе години, а се распаѓа и објектот кој беше еден од најцврстите и најквалитетните на охридското крајбрежје, каде што се лекуваа и рехабилитираа деца со различни патологии, од бебиња до деца од 16 години.
Ова е втор оглас што се објавува за атрактивното земјиште, бидејќи првиот пропадна. Според охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, понудени се повеќе поволности, а е намалена и продажната цена на земјиштето.
Според најавите од општината, заинтересирани биле инвеститори од Катар, Англија, Украина и Азербејџан.
Почетната цена на аукцијата што ќе се одржи на 24 февруари ќе изнесува 2.655 денари.