Драстично зголемување на рециклирањето на пластиката, од сегашните 14% на дури 70%, е главната препорака од опширниот извештај претставен во Давос, во текот на годишното заседание на Светскиот економски форум (World Economic Forum – WEF).
Извештајот е потпишан од страна на над 40 индустриски лидери, а заговара одржлив пристап кон идното производство и дизајнирање на пластичната амбалажа и поттикнување кон помасовно рециклирање. Наскоро би требало да се развие протокол кој на светско ниво ќе го регулира редизајнот на амбалажата. Дури 50% од материјалот може профитабилно да се рециклира ако се подобрат дизајнот на пластиката и системите за управување со отпадот, се наведува во соопштението од WEF.