На Пацификот и Атлантикот сезоната на тропски циклони е бурна. Поради глобалното затоплување, ураганите стануваат се посилни, се движат побавно и задржуваат повеќе вода. Ова го потврди и ураганот Ијан, кој предизвика најголема материјална штета во историјата на Флорида и однесе повеќе од 80 животи. Долго време остана над иста територија, продолжувајќи ја агонијата за оние кои не ја почитуваа наредбата за евакуација.
Научниците се согласни – бурите стануваат се поинтензивни и се побрзо се засилуваат. Тоа значи дека ветровите се зголемуваат за најмалку 50 километри на час за 24 часа.
Повеќето смртни случаи во тропските циклони не доаѓаат од ветер, туку од вода – плимата од бурата и врнежите, што предизвикува околу 90 отсто од смртните случаи од урагани во Соединетите Држави.
Да нема океани, планетата би била многу потопла поради климатските промени. Но, во последните 40 години, океанот апсорбирал околу 90 отсто од затоплувањето предизвикано од емисиите на гасови на стаклената градина. Оваа дополнителна топлина поттикнува поинтензивни бури и посилни ветрови.
Климатските промени, исто така, може да го зголемат количеството на врнежи од бура. Бидејќи потопла атмосфера носи повеќе влага.
Во текот на сезоната на урагани на Атлантикот во 2020 година, една од најбурните, климатските промени ги зголемија врнежите по час за 8 до 11 отсто, според најновата студија на списанието Nature Communications.
Светот веќе се загреа за 1,1 степен над прединдустрискиот просек.
Научниците од американската Национална управа за океани и атмосфера очекуваат дека при пораст на глобалната температура за 2 степени, брзината на ураганскиот ветер ќе се зголеми за дури 10 отсто, а тогаш разорувањето експоненцијално расте.