Пелагонија уште наликува на едно големо езеро. Земјоделските површини и сè она што е посеано од есеноска се под вода, и со оглед на временскиот период во кој семето е во вода, тешко дека нешто ќе се роди. Освен ова, агроекспертите укажуваат уште на еден проблем.
„Постои опасност поплавите дa предизвикаат штети и врз квалитетот на почвата. Неизвесно е дали поплавените површини, откако ќе се повлече водата, ќе го имаат истиот квалитет и потребни хемиски елементи за повторно садење на земјоделски култури. По повлекувањето на водата, она на што веднаш треба да се пристапи е вршење на агрохемиска и педолошка анализа на земјоделските површини. Со тоа точно ќе се знае квалитетот на почвата и нејзиниот состав, по што ќе се знае точно какви земјоделски мерки и ѓубрива ќе треба да се употребуваат“, предупредуваат експертите.
Агроекспертите укажуваат на тоа дека поради ерозијата се губи почвена маса, а од друга страна, на плодната почва има големи наноси што ги носи надојдената вода. Штетите се милионски и допрва ќе се пресметуваат. Во земјоделството, доцнењето на пролетната сеидба ќе влијае врз намалување на производството, а со тоа и на понудата на храна на пазарите, но и на цената на производите.