Насловна / Вести / Поплава во Тетово и тетовско: Должност, одговорност, совест…

Поплава во Тетово и тетовско: Должност, одговорност, совест…

10

И после десетина дена по катастрофалните поплави во Тетово и тетовско, последиците се јасно видливи. На терен се расчистува земјата, камените наноси и наносите од физички отпад и дрвја, а луѓето ги сумираат своите штети, ги расчистуваат дворовите, подрумите и куќите и се надеваат дека ова веќе нема никогаш да се повтори. Најтешко е тоа што се изгубени човечки животи, а тие не може да се надоместат со никаква помош или сочувство. Дали можеше да се избегне ваквиот епилог?8

При нашата посета на Тетово и околните поплавени места можевме јасно да ги забележиме последиците од невремето. Улиците во центарот на градот беа покриени со кал, кој од топлото време се исушил, па сега, од движењето на возилата се крева прашина која е закана за здравјето на тетовчани. Со оглед на тоа што во водата која го поплави градот, покрај другото, беа излеани и фекалии, ваквата прашина која лета во тетовскиот воздух е заситена со бактерии и вируси, а во првите неколку дена поголем дел од градот беше како во магла од прашината.5

На улицата „Видое Смилевски Бато“, особено во близина на мостот кој ја премостува реката Пена, и покрај тоа што се работи секојдневно на чистење на коловозот и тротоарите, видливи се купишта земја и отпад кои само ја дополнуваат сликата дека во моментите на поплавата и тука, и покрај тоа што се работи за рамен терен, водата била силна, а поплавата била страшна.4

Кејот и коритото на Пена беа прекриени со кал и илјадници пластични шишиња и друг вид на цврст отпад. Смрдеата која се шири од реката е неопислива, загаденоста е евидентна.

3

Проблемите со кои се соочуваат жителите на околните населби во тетовско, кои беа поплавени, не се разликуваат по многу нешта. И таму поплавени се сите приземни и подрумски простории, дворовите се уништени, улиците покриени со кал и прав.12

Прашањето кое се поставува е: дали можеше една ваква катастрофа да се избегне, или барем да се намалат нејзините последици, да се заштитат животите на нашити сограѓани? Или природата ни враќа за нашето несовесно однесување кон неа? Дали природата овој пат не се грижеше доволно за нас како што ние веќе во континуитет не се грижиме за неа?11

Врелиот костен од рака во рака се префрла, и вината секогаш ја наоѓаме кај некој друг. Овој пат можда ќе ни помогне за да сфатиме дека за ваква катастрофа можеби е секој од нас по малку виновен. Да тргнеме од себе, да се однесуваме совесно и да живееме во кохезија со природата. Да ја штитиме и негуваме за да ни врати со иста мера.7

Како една од причините за излевање на реката, во центарот на Тетово, може да се каже дека е несовесното однесување на жителите од овој град и населените места по течението на Пена, кои фрлаат цврст и неразградувачки отпад во реката. Физичкиот отпад е и најголемиот загадувач на оваа река.

Но, истовремено, како една од главните причини за оваа катастрофа може да се наброи и неажурноста на надлежните. Нередовното чистење и одржување на речните корита, како на Пена, така и на помалите реки од овој регион, на крајот резултираше со катастрофа од вакви размери. Сепак водата која беснееше, не влечеше со себе само пластични шишиња, туку и огромни дрвени трупци и стебла, големи карпи и слично.

6

Поплавата во Тетово, особено по една од главните сообраќајници во градот, „В. С. Бато“, во секој случај би била поподнослива и би нанела помала штета на околните објекти кога атмосферската канализација која на оваа улица веќе постои, би функционирала. Слабата мрежа на улична атмосферска канализација е еден од главните проблеми со кој се соочува Тетово секојпат кога врне, а посилните дождови често знаат да направат проблем и застој во сообраќајот. Освен тоа што мрежата на атмосферска канализација е слабо распространета, често тие се запушени и не ја вршат својата функција.

Наместо да си ја префрламе вината едни на други, овој пат добро да ја научиме оваа животна лекција, да ги извлечеме најпаметните заклучоци и да се однесуваме одговорно, одговорно кон нашите сограѓани, нашите соседи и роднини, и одговорно кон природата пред се`.

Надлежните да си ја вршат работата за која се платени од граѓаните, и за која носат одговорност дури и во вакви вонредни услови кога природата е немилосрдна, а тие мораат да ја скротат.2 9

Граѓаните мора да научат дека реката не е отпад и дека мора да се однесуваат совесно кон природата.

На сите нас ова невреме ни остави лоши спомени и болка за загинатите животи, и не` остави во надеж и желба дека вакво нешто нема да се повтори.

Испрати коментар

Scroll To Top