Државниот инспекторат за животна средина и просторно планирање соопшти дека вчера од Велес е добиена информација за заматување на реката Тополка и помор на риби. Од страна на државен инспектор за животна средина е извршен вонреден надзор во присуство на службено лице од ПС Велес и лаборант од Центарот за Јавно Здравје Велес. Локацијата е од населба Превалец до вливот на Тополка во еката Вардар, Велес.
При надзорот е изготвен Записник за констатација и придружна фото документација. На самото место во 14 часот е констатирано дека на вливот на Тополка е забележана незначителна количина на угинати риби, како и заматеност на водата со белузлава боја.
Исто така е направен надзор на речното корито под правниот субјект Каменолом и Варница Превалец-Технопавер, Скопје, при што е констатирано дека над мостот на населбата Превалец е чиста водата нема заматеност и нема угинати риби. Под испустот на отпадната вода од правниот субјект не е забележана угината риба во должина од 500 метри. Во присуство на инспекторот, стручно лице-лаборант од Центарот за Јавно Здравје-Велес зема мостра од водата и истата е процесуирана за испитување.
Издадена е привремена усна наредба за престанок на работа на сепарацијата до добивање на резултатите од испитувањето на водата. По добивањето на резултатите инспекторот ќе преземе понатамошни инспекциски мерки.