Насловна / Вести / Помеѓу „бла, бла, бла“ и „ла, ла, ла“!

Помеѓу „бла, бла, бла“ и „ла, ла, ла“!

Минатата 2021 година, веројатно со право може да се нарече annus horribilis (лоша година) како на глобално, така и на локално ниво, одбележана од пандемија, пожари, поплави, земјотреси, вулкани, суши и други природни и од човека предизвикани катастрофи. Во 2021 година исто така бевме сведоци и на само делумно успешната Конференција за климатските промени на Обединетите нации (СОР 26) одржана во Глазгов, Шкотска, по којашто веројатно е тешко да се предвиди во која мерка човештвото во иднината ќе успее да се заштити од дополнително влошување на состојбите како резултат на глобалните климатски промени.

4_resize

Состојбите со коишто секојдневно се соочуваме на сите нивоа веројатно придонесуваат кон појавата на коментарите за „бла, бла, бла“ или пак за „ла, ла, ла“ пристапите во рамките на јавниот живот. Од една страна раководителите постојано како да се обидуваат да нè восхитат со тоа колку големи средства се издвоени или собрани за одредени проекти. Со оглед на доминантното економско раслојување низ светот, во најголемиот број случаи станува збор за навистина незамисливи бројки за обичниот граѓанин. Но прашање е во која мерка вкупната висина на инвестиција е вистинското мерило за успешноста на истата. На пример, колку и да се пофални определбите на властите да се зголеми просечната плата во една земја, тие може лесно да бидат бесмислени доколку и со таа нова покачена просечна плата домаќинството не може да опстои. Од друга страна се чини наполно неверојатно колку бавно се менуваат работите суштински на подобро, како никого да не го интересира што навистина се случува во светот. Решавањето на со години наталожените проблеми во одредена област се чини како да се жешки предмети кој никој не сака да ги допре за да не се изгори. Оттука се добива впечаток дека сите напори се насочени на одржување на состојбите, да не се брануваат водите или пак проблемите само времено да се закрпат со по некоја леплива лента.

2_resize

Се разбира времето, климатските промени и природата, нема да чекаат за да дојде некоја друга далечна идна власт којашто можеби навистина суштински ќе се насочи кон решавање на наталожените проблеми како со магично стапче, а преку ноќ истите ќе се разрешат и дотогашните штети ќе се поправат. Сите знаеме дека ваквите работи се случуваат само во бајките, но не и во вистинскиот живот. Оттука веројатно треба да се поведеме според изјавите на организации за заштита на природата и човештвото коишто говорат за исклучителната положба на генерацијата која сега живее на планетата Земја. Ова генерација се смета за првата генерација во историјата на човештвото која е свесна за она што нè очекува во иднина доколку сите ние на глобално ниво не го промениме нашиот начин на живеење и ја заштитиме природата. Истовремено оваа генерација е и последната која навистина може нешто да постигне за да се сменат состојбите на глобално ниво преку што ќе ја зачуваме не само нашата туку и иднината на следните генерации.

1_resize

Оттука потребно е и соодветно ниво на свест и лидерство за да се придвижат работите во очекуваната насока. За жал се чини дека секоја година посакуваното членство во Европската Унија како да се оддалечува од Република Северна Македонија наместо да се приближува.  Оттука е веројатно потребно да се соочиме со вистината дека ако ние самите не си ја направиме иднината подобра, дека тоа никој друг нема да го стори за нас.  Веројатно околу ова една од најважните работи е и да се сменат одредени постојни односи кон работите, со оглед дека без вакви промени тешко е да се очекува дека работите ќе тргнат на подобро.

3_resize

Истражувачите на историјата на градежништвото укажуваат на наводната зачуденост во рамките на Австро-унгарската Империја кога ја преземале територијата на Босна и Херцеговина од Отоманската Империја. Ова особено се однесувало во доменот на урбанистичката и градежната регулатува во рамките на градовите коишто тогаш потпаднале под нивна власт, како резултат на што побрзале да донесат нова регулатива за овие територии. Веројатно нивната вчудоневиденост била уште поголема кога утврдиле дека новата регулатива не е значително различна од претходната од перидот на Отоманската Империја. Се говори дека потоа тие утврдиле дека не бил проблемот со отоманската регулацијата туку со почитувањето на истата.

Model

Со оглед на претстојните капитални зафати и проекти како новиот Генерален урбанистички план на Скопје, новиот Клинички центар во Скопје и други, несомнено се поставува прашањето во која мерка имаме соодветна урбанистичка и градежна регулатива и во која мерка истата навистина се спроведува. Претполагам дека секој поединец ќе има сопствено видување по однос на второто прашање базирано на нивното лично искуство. Се чини дека работите се многу посложени во однос на првото прашање. Веројатно може да се каже дека квалитетот на сите планови и проекти зависи од квалитетот за законите и прописите, со оглед дека секој план и проект треба да се усогласи со истите.

На пример, при барањето за издавање урбанистичка согласност во Северна Англија локалните надлежни урбанистички служби за давање на истата може да побараат околу 33 различни документи и елаборати преку коишто ќе се поткрепи барањето и ќе се овозможи соодветно детално одлучување. Без да се поднесат бараните документи и елаборати службата воопшто не ни почнува со разгледување на предметот туку само накратко го информира подносителот дека пријавата не е валидна и дека нема да се валидизира додека не се достават потребните информации.

8_resize

Веројатно овој пристап најдобро може да се илустрира со неколку примери. На пример, доколку станува збор за нов станбен комплекс, вообичаено се бара да се поднесе изјава за понудата на економски достапно домување во рамките на комплексот. Имено општините вообичаено пропишуваат колкав процент од новоизградените станбени единици во рамките на комплексот треба да бидат наменети за лица со ниски примања. Како резултат на ова подносителот на барањето мора да поднесе образложение како е задоволен овој критериум доколку сака да добие урбанистичка согласност. Ова најчесто се реализира преку изградба на одреден број на станбени блокови наменети за лица со ниски примања во рамките на новиот комплекс. На овој начин се спроведуваат поуките од станбената изградба во повоениот период во коишто цели комплекси биле градени исклучиво за лица со ниски примања коишто потоа изразнале во жаришта на бројни социјални, здравствени и економски проблеми.

7_resize

Како други елаборати потребни во рамките на барањето за урбанистичка согласност може да бидат Анализа на квалитетот на воздухот, Анализа на буката, Анализа на сончевото осветлување, дневното осветлување и микроклимата, Анализа на вентилацијата и издувните гасови од објектите, Археолошка анализа, Анализа на загадување на земјиштето, Анализа на ризикот од јагленокопите и за зачувување на минералните богатства, Анализа на ризикот од поплави и анализа на капацитетот на канализацијата, Елаборат за проектанскиот пристап и пристапноста на објектот,   Елаборат за урбанистичкиот пристап, Елаборат за заштита на градителското наследство и други.

11_resize

Ако ги земеме предвид состојбите со коишто се соочуваме во Македонија веројатно како многу актуелни и поучни може да се сметаат оние поврзани со опкружувањето на објектот на парцелата, како што се на пример Еколошка студија и извештај за заштита, Анализа на хабитатот, Инвентар на постоечките дрвја на парцелата и нивното значење и Пејзажното уредување. Некои од основните правила и принципи се релативно едноставни. Сите дрвја во рамките на поединечни заштитени објекти од градителско наследство и сите дрвја во рамките на заштитени амбиентални средини се заштитени со закон. Посебна урбанистичка согласност е потребна дури и една гранка да треба да се исече. Вакви дрвја може да бидат подложни на сечење само доколку стручно лице докаже дека дрвото е толку болно да претставува опасност или за другите дрвја или пак за пошироката јавност доколку постои опасност дрвото да се сруши. Во другите зони дрвјата може поединечно да бидат заштитени, а за оние што не се заштитени вообичаено се бара доколку се сечат истите задолжително да бидат заменети барем со онолку нови дрвја колку што биле исечени во рамките на парцелата. Еколошката студија и Анализата на хабитатот се изработуваат за да се утврди нивото на постојната флора и фауна на парцелата.  Основното правило е дека урбанистичка согласност се дава само доколку по изградбата на новиот објект биолошката разноликост на парцелата е подобра или најмалку идентична на онаа пред изградбата на објектот. Дополнително расчитувањето на парцелите пред почетокот на градба на нов објект главно е ограничено само во периоди кога не се јавуваат принови во рамките на флората и фауната.  Како резултат на ова ако некој сака да расчистува градежно земјиште во периодот од март до септември тоа може да се врши само доколку 24 часа пред започнување на расчитувањето еколог ги прегледал зоните на планирано расчистување и заклучил дека нема да се загрозат видовите во овие зони.

10_resize

На пример, доколку птица свие гнездо во рамките на објект во изградба, изградбата мора да се запре додека птиците со подмладокот не го напуштат гнездото.  Нарушувањето на престојувалиштето на лилјаците е кривично дело. Како резултат на ова вообичаено треба да се направат барем три инспекции од еколог и тоа во периодите на активност и хибернација на лилјаците пред да се пристапи со градежните работи. На оние локации каде што ќе се утврди присуството на лилјаци првин треба да се изградат куќички за лилјаците на соседните дрвја или пак во рамките на постојни или нови градби на парцелата, за лилјаците да може да се преселат, пред да може да се почне со градежните работи. Работењето во близина на водени површини вообичеано носи со себе за 8 метри широки заштитни зони забранети за градежни активности од двете страни на водената површина.  Веројатно како особено добра е праксата дека урбанистичка согласност не се дава доколку не е поднесен план за управуавње со пејзажното уредување на парцелата, барем за една година од завршувањето на објектот. Преку ова урбанистичко барање градежната фирма е должна во рокот на зададениот период редовно да се грижи и да го одржува зеленилото на парцелата, како и да замени посадено дрво, џбун или трева доколку се осушат за да на крајот од пропишаниот период зеленилото на парцелата соодветно да е оформено по што лицето коешто управува со објектот ја презема улогата за заштита и одржување на зеленилото. Ваквите елаборати вообиачено бараат и Елаборат за проценка на отворените површини. Така на пример, доколку во рамките на еден објект не е можно да се обезбеди пропишаното ниво на отворени површини, тогаш нарачателот на објектот треба да ѝ плати придонес на општината за таа да ги зголеми слободните јавни површини за да се задоволи стандардот.

9_resize

Веројатно особено актуелно е во склопот на барањето за урбанистичка согласност да се достави и изјава за вклученост на заедницата. Ова најчесто се врши на тој начин да Урбанистичката служба го определува минималниот број на објекти во соседството на предвидениот објект и комплекс коишто треба да се консултираат пред да се поднесе барањето за урбанистичка согласност. Во случаи на помали објекти и комплекси ова се врши со лична достава на прашалници до идентификуваните соседи на кои им се дава можност да го искажат своето мислење по предлогот и истиот или да го поддржат или да не го поддржат. Кога станува збор за поголеми објекти и комплекси вообичаено се испраќа покана и се организира изложба на која се образложува проектот по што им се дава можност на заинтересираните лица да го искажат својот став по истото. Откога мислењата на заедницата ќе се соберат и достават на урбанистичката служба таа потоа мора да спроведе дополнителна консултација на најблиските соседи на новопроектираниот објект по службена должност. Во принцип за помали објекти со една до две забелешки по незначителни забелешки по предложената урбанистичката служба може да одлучи врз основа на делегираните овластувања. Во сите други случаи одобрувањето мора да оди пред Општинскиот комитет за урбанизам којшто е јавен настан и за кој по претходна пријава може сите заинтересирани лица за и против предложеното, јавно да го искажат своето мислење во ограничен временски рок пред да се донесе одлука по барањето.

Слични правила важат и во доменот на градежните прописи, каде што важечката верзија на основните Градежните прописи за Англија изнесува 1.266 страници, а којашто укажува на обидот прописите да се обработат во доволно ниво на детал, но истите најчесто се надоврзуваат и на дополнителни упатства прописи и стандарди.  Дополнително кон овие основни Градежни прописи се надоврзуваат и оние за посебни видови на објекти како на пример за здравствени установи, образовни обејкти, социјални установи и други, од кои дел по својот обем се и поголеми од основните градежни прописи.

6_resize

Оттука веројатно еден од начините на подобрување на состојбите во рамките на изградената средина во Макеоднија е и да се работи на подобрување на прописте во доменот на изградената средина, но при ова треба да се земе предвид дека земја од нашата големина ќе има ограничен капацитет во однос на тоа во колкава мерка може да изработи сопствени прописи за сите аспекти на урбанистичко планирање и архитектонско проектирање. Веројатно тука треба да се поучиме од примерите и на други помали земји коишто барем дел од своите прописи и стандарди ги базираат на оние од поразвиените земји.  На пример, тешко е можно да се разбере во која мерка може да се развијат стратешки и капитални објекти само со примена на локалните градежни прописи или пак со користење на книгата Архитектонско проектирање од Нојферт која е вреден прирачник за проектирање, но не и правилник за проектирање.

Да се надеваме дека оваа клучна генерација за иднината на Северна Македонија и планетата Земја ќе одговори на поставениот предизвик и ќе го даде најдоброто за да се зачува иднината на следните генерации.

Испрати коментар

Scroll To Top