Лијаните или народно познати како ползавци, претставуваат ползечки растенија кои имаат способност да растат во височина и при тоа одредени видови имаат способност да се врзуваат за одредена подлога со помош на т.н. воздушни корења, додека за други треба дополнително да се потрудиме да им обезбедиме цврста подлога за раст. Овие растенија многу често се користат во уредувањето на зелените површини, поради тоа што со редовно одржување може да се постигнат голем број форми со садење на ваквите растенија во комбинација со одредена конструкција.
На ползечките растенија им е потребна потпора по која ќе се приврзат, во спротивно би се развивале приземно, во форма на зелен килим или како грмушести растенија. Изборот на конструкција по кои би се развивале овие растенија во градините е доста голем, каде само креативноста е граница за изработка на крајниот производ. Освен класичните потпори изработени од најразлични материјали, постојат и доста креативни решенија во форма на перголи, лакови и креативни конструкции.
Многу често овие растенија се користат за обраснување на фасади од постари објекти, а како потпора се користат жичени конструкции. Со употребата на овие растенија може да се постигне одличен ефект доколку имаме некое изумрено дрво во градината, па во негова непосредна близина може да се насадат ползечки растенија кои би се развивале по неговото стебло.
Wisteria spp. – вистерија претставува ползечки вид со крупни гроздести цветови со нијанси на сина, розова, виолетова, жолта или бела боја. Станува збор за вид кој е доста агресивен и за таа цел потребно е високо ниво на одржување, тука пред сé се мисли на кроењето, бидејќи вистеријата за краток период може да порасне во несакан правец доколку редовно не се контролира.
– Bougainvillea spp. – претставува ползечки вид кој цвета преку лето и во есен. Цветаат на овогодинешните ластари, така што кроењето е најдобро да се прави по прецветувањето, доцна на зима или во рана пролет. Цвета многу густо со многу силни и изразени бои.
– Ползечките рози (Rosa sp.) се класика. Тие се фаворите кај голем број градинари. Ползечките рози имаат крупни цветови, во голем спектар на бои, едноставни се за одржување, а како потпора задолжително е потребно мануелно да се подврзуваат затоа што немаат способност како некои лијани да се прицврстуваат самостојно за потпората. Станува збор за вид кој одлично се вклопува во голем број градинарски стилови доловувајќи носталгија, романтика и среќа.
Грижата за ползечките растенија се сведува пред сé да се обезбеди стабилна конструкција, бидејќи некои видови како вистеријата и розите во позрели години знаат да бидат многу тешки. Сезонската грижа на овие растенија се сведува на рутинско одржување во поглед на полевање прихрана и доколку има потреба подврзување на некои од потешките ластари. Најважно од сé е кроењето со цел да се задржи саканата форма на растенијата. Различни типови на ползечки растенија се кројат во различен период годината и на различен начин. Овде пред сé се мисли на разлика во кроењето на лиснодекоративните со цветнодекоратините видови.
Филип Филипоски, дипл. шум. инж.
БИРО ПРОЕКТ ДООЕЛ Скопје