Озеленување, пошумување, урбани градини, градини на терасите и покривите, се само некои од мерките со помош на кои е можно да се ублажат климатските промени. Во големите градови ширум светот, властите со разни акции, субвенции и со личен пример се обидуваат да влијаат врз населението со цел заедничка борба против загадувањето на воздухот и емисиите на гасови со ефект на стаклена градина.
Се чини дека челните луѓе на Калиш, еден од најстарите градови во Полска, одлучиле да им помогнат на своите сограѓани во оваа борба, и донеле уредба која ќе смени многу работи на подобро. Имено, од 1-ви јануари 2022 година, сите жители на овој град кои ќе се одлучат да ги озеленуваат своите покриви и фасади, ќе бидат ослободени од плаќање на данок на имот. Исто така, на оваа бенефиција ќе може да сметаат и сите оние кои веќе имаат засадени повеќегодишни зелени растенија, како на покривите, така и на фасадите. Кога станува збор за озеленување на фасадите, неопходно е најмалку еден ѕид да биде покриен со зеленило, и коренот на овие билки да се наоѓа во земјата. За програмата можат да се пријават и станбени заедници кои веќе имаат поставени вертикални градини.