Со цел спроведување на што побезболна енергетска транзиција, Полската влада потпиша спогодба со претставниците на индустријата за ветерна енергија, за да обезбеди развој на националната индустрија и да го зголеми учеството на домашните фирми во изградбата на офшор ветерни електрани. Спогодбата е инспирирана од договорот кој пред две години е потпишан во Велика Британија. Договорот со индустријата на ветерна енергија предвидува нов систем на аукции за доделување на субвенции, надградба на полските пристаништа, обука и едукација на работната сила (особено поранешните работници од секторот јаглен), како и регулирање на односите помеѓу секторот ветерни електрани и другите сектори кои ги користат ресурсите на морето. Сите овие активности ќе и помогнат на Полска во реализацијата на праведна енергетска транзиција.
Во моментот во Полска не постои ниту еден ветерен парк на море (офшор), но земјата планира да инсталира 11GW во овој сегмент до крајот на 2040 година. Земјата сега добива 70% од својата електрична енергија од термоцентралите на јаглен, но планира да го напушти јагленот до 2040 година. Со договорот, индустријата на ветерна енергија с еобврзува да отвори 60.000 директни и индиректни работни места до 2040 година, додека владата за возврат ќе ја забрза енергетската транзиција кон обновливи извори на енергија со стартување на новиот модел на аукции за офшор ветерните паркови до 2025 година. Полска има околу 400 компании во областа на ветерната енергија, а договорот го потпишале 120.