Полска ја определи 2049 година, како година во која најдоцна ќе запре со користењето на јагленот. И покрај тоа што е членка на ЕУ, оваа земја не брза со напуштањето на јагленот, за разлика од многу земји од регионов кои определија многу пократки рокови. Сепак, се очекува рокот за Полска да се помести многу порано, според ветувањата на полската влада, иако сеуште не се излегува со конкретен датум. Европската комисија и дала зелено светло на Полска за Програмата за ублажување на последиците од затворањето на термоелектраните на лигнит и други видови јаглен, како и на рудниците за јаглен. Дури 70% од електричната енергија во оваа земја се произведува од јаглен.
Согласно споменатата Програма, Полска ќе одвои средства во висина од 300 милиони евра за поддршка на работниците кои ќе останат без работа. Ќе им се обезбедат отпремнини кои ќе бидат исплатувани во период од една година. Полска предвидела и надомест за вработените кои наскоро стекнуваат услови за пензионирање. Механизмот ќе трае до февруари 2034 година. Во 2021 година, Судот на правдата на ЕУ, ја казни Полска со 15 милиони евра бидејќи одби да го затвори рудникот за јаглен Turów.