Насловна / Архитектура / Половина век по Ле Корбизје – мит, полемика, контроверзии…

Половина век по Ле Корбизје – мит, полемика, контроверзии…

1.  Le Corbu

Моето прво патување во Париз беше летото во далечната 1965 година. Годината кога големиот архитект Ле Корбизје го напушти овој свет. Тоа беше летото пред почетокот на моите студии по архитектура. Името на Ле Корбизје, за мене, во тоа време, беше поим за современата архитектура. Од тогаш поминаа педесет години. Неговото име остана поим на современост. Преку своето творештво, тој продолжи да влијае врз младите генерации архитекти низ целиот свет. Ги проучувавме неговите проекти, неговите книги. Размислувавме над неговите теоретски погледи за урбанизмот, за архитектурата, за човекот, за уметноста … Неговото влијание во Македонија и во светот, несомнено беше големо.

Во изминатите педесет години, почитуван и критикуван во еднаква мера, тој остана поим на модерната архитектура. Славен на сите континенти, но и познат по контроверзиите. Педесеттата годишнина од неговата смрт, предизвикува лавина на публикации, настани и изложби. Оваа пролет францускиот печат е полн со разговори за неговото наследство. Беа објавени книги за другите аспекти од неговиот живот. Дискусиите (околу неговите фашистички линкови и наводно антисемитизмот) фрлија дамки врз неговото наследство.2. Le Corbusier (Charles-Edouard Jeanneret), 1920, Mrtva  priroda, Muzej na Moderna umetnost, New Jork

Ле Корбизје, „Мртва природа“, 1920, МоМА, Њујорк

Сето тоа го забрза стартот на големата ретроспективна изложба, организирана по овој повод, во Центарот Помпиду во Париз, под наслов „LE CORBUSIER – Mesures de l’homme“. Изложбата се одржува од 29 април до 3 август 2015 година. Широчината на неговата работа и размислување, претставени со околу 300 слики, скулптури и мебел, нуди нов поглед на неговото творештво. Можност да се открие Корбу преку неговите цртежи, дела, преку митскиот Модулор…, да се согледа неговата целосна димензија. Енергична одбрана на човекот што често се обвинува за инспирирање на мрачната и отуѓена архитектура на уништените предградија на Франција.

Кој е Ле Корбизје?

Човек кој оставил длабок белег на XX век. Анализата на човечкото тело во геометриска, сетилна и духовна смисла, се наоѓа во срцето на неговата работа. Тој истражува не само на полето на архитектурата и дизајнот, но и на визуелните уметности – сликарството, скулптурата и литературата. Длабоко ја одбележа архитектурата, посебно преку концептот на човековите пропорции, како универзален принцип на дефинирање на сите аспекти на архитектурата и просторната композиција. Тоа е концептот (силуета на човечко тело високо 1,83 см) што е базиран на „златниот број“ и принципот на хармонизација помеѓу конструкцијата, структурата и морфологијата на човекот. Ле Корбизје е големата фигура на модернизмот во архитектурата на XX век.

3. Proekt Plan Voisin, 1925, Pariz

Проект план Воисин, 1925, Париз, Франција

Што, кога и каде создавал?

Неговото огромно дело може да се проследи преку неговите активности во различните периоди на неговиот живот и творештво.

Швајцарски период (1887 – 1917)

  • Архитектот со псевдоним Ле Корбизје, кој го усвоил во 1920 година, роден е во Швајцарија, во Ла Шо-де-Фонд (La Chaux-de-Fonds), со родено име Шарл-Едуар Жанере (Charles-Edouard Jeanneret), на 6 октомври 1887 година.
  • Архитектурата ја изучувал работејќи кај познати архитекти од тоа време. Тој е самоук. Парите што ги заработувал му овозможиле да патува низ Италија, Австро-Унгарија, Грција, Балканот и Мала Азија. Ги изучувал древните споменици, фолклорот и традиционалното народно градителство на Медитеранот. Патувањата биле неговите универзитети.
  • Во 1914 година ја отворил својата прва архитектонска работилница. Проектирал неколку вили. Во 1917 година, ги напуштил Ла-Шо-де-Фон и Швајцарија. Се преселил во Париз.5. Villa Savoye, Poissy-sur-Sein, 1928 - 1931,  FrancijaVilla Savoye Courtyard
  • Вила Савој, Poissy-sur-Sein, 1928 – 1931, Пуаси, Франција

Париз, период на Пуризам (1917 – 1930)

  • Се сретнал со сликарот Амеде Озанфан. Го запознал кубизмот, сликарите Брак, Пикасо, Грис, Фернан Леже. Под нивно влијание почнал активно да слика. Сликарството станало негова втора професија. Со Озанфан организирале изложби кои ги нарекле изложби на „пуристи“ (естетика базирана на чисти, едноставни, геометриски форми).
  • Во 1919 година, со Озанфан почнале да издаваат интернационален филозофско-естетски журнал „L’Esprit Nouveau“. Прв пат во овој журнал се објавени „Петте точки на современата архитектура“, како општи правила на новата архитектура.
  • Во 1922 година отворил архитектонско биро во Париз. Проектирал богати вили кои му донеле име. Ги применувал „петте точки на архитектурата“.  Прости геометриски форми, бели глатки фасади, хоризонтални прозорци, железно-бетонска конструкција, слободен план. Вилата Савој во Пуаси (Savoye Poissy, 1929) стана симбол на модерната архитектура.
  • На изложбата „Есенски салон“ (1922), претставил макета на „Современ град на три милиони жители“ со нов урбанистички поглед на градот на иднината. Проектот бил преработен во 1925 година, како предлог за радикална реконструкција на Париз (Plan Voisin), кој станал своевидна сензација. Предлагал градба на нов деловен центар на Париз на потполно чиста локација, за што требало да се расчистат 240 хектари на стара градска градба. Предвидувал нови 18, еднакви, деловни облакодери со 50 ката, поставени на растојание еден од друг. Во приземјата, како хоризонтални структури предвидувал простор за сите функции на сервиси и опслужување. Само 5% од теритиријата трбало да биде изградена, а на 95% од локацијата биле предвидени магистрали, паркови и пешачки зони.
  • На меѓународната изложба на декоративна уметноста во 1925 година, во Париз, по проект на Корбизје бил направен павилјон „L’Esprit Nouveau“. Вклучувал повеќе станови во природна величина и експериментален стан на две нивоа.
  • Во 1920-та, Ле Корбизје најинтензивно се фокусирал на создавање мебел. Неговото „опремување“ било многу поразлично од модерниот стил на тоа време „Арт Деко“. Со неговиот партнер произведувале мебел од метал. Дизајн актуелен и денес, кој стана класика на ваков вид мебел.
  • 6. Cité radieuse de Marseille (Unité d'habitation),  Marseille, 1946 - 1952
  • Cite radieuse de Marseille (Unite d’habitation), 1946 – 1952, Марсеј, Франција

Интернационален стил (30-тите години на минатиот век)

Ле Корбизје, како поборник на чисти, модернистички линии, станал најголем приврзаник на интернационалниот стил.

  • На почетокот на 30-тите ја посетил Москва. Учествувал на конкурсот за Центросојуз, кој е изграден во периодот 1928 – 1935 година. Совршено нов пример на современ деловен објект за Европа.
  • Во 1935 година патува во Америка, ги посетува Њујорк, Бостон, Чикаго, Филаделфија. Во 1936 година оди во Јужна Америка. Во Рио де Жанеиро,  учествувал во разработката на проектот на Министерство за образование на Оскар Нимаер.
  • Ле Корбизје е еден од основачите на меѓународниот конгрес на современа архитектура CIAM. Првиот бил одржан во 1928 година во Швајцарија.

1. Le Corbusier à Marseille

La facade de la Cite Radieuse, Unite d’Habitatio, Марсеј, Франција

Период 1940 – 1947                                                                                                         

Во периодот на војната, повеќе се занимавал со теоретски проучувања, цртал и пишувал книги.

  • Го разработил познатиот „Модулор“, систем на хармонични пропорции (мерки на просечен човек од 183 см, со подигната рака 226 см), кои ги применил во првите повоени поголеми проекти.
  • Во 1942 година патувал во Алжир, во врска со урбанистичкиот проект на градот Алжир.
  • После војната, Ле Корбизје учествувал во повоената изградба како урбанист (реконструкција на градот Сент-Дие 1945 и Ла Рошел 1946). Внел нови оригинални погледи на градежништвото. Првпат се појавува поимот „станбена единица“ (Unité d’habitation). Ја реализира идејата на „зелен град“ или, како што тој го нарекол, „Озарен град“ (La Ville radieuse).

8. Notre Dame du Haut, (1950 - 1955), Ronchamp,   Francija

Notre Dame du Haut, (1950 – 1955), Рончамп, Франција

Брутализам (1950 – 1965)

1950 година е почеток на неговиот нов период. Радикално менување на стилот. Одделување од аскетизмот и пуризмот. Богатството на нови форми и обработката на нивните површини, повторно го ставаат во центар на вниманието.

         Станбен блок во Марсеј (1947 – 1952). Проект замислен како експеримент на колективно живеење. Ги користел пропорциите по системот на „Модулор“, како и стандардизираните „дуплекс“ станови, со лоџи кои излегуваат на двете страни на домот. На лоџите, првпат во таков размер, се применуваат различни јаки бои – полихромија.

  • Во 1950 година по покана на индиските власти, почнал да работи на најголемиот проект на својот живот, проектот на новиот главен град Чандигар, на државата Пенџаб. Создаден е сосем нов град, на нова локација, за друга цивилизација, различна од западната. Проектот вклучувал администравивен центар, станбени делови со целата инфраструктура, училишта, хотели и др. Изградбата е во периодот 1951 – 1960 година. Била применета посебна технологија за обработка на надворешните бетонски површини, наречена „béton brut“, необработен бетон (како и на блокот во Марсеј). Прифатена од многу архитекти во светот, прераснала во движење со назив „Брутализам“.
  • Периодот 1950-1960 година е период на конечно признание на Ле Корбизје. Се потврдува како архитект број еден во Европа. Работи на различни оригинални објекти со нови архитектонски идеи, (Капелата Роншан, Франција, 1955; Бразилскиот павилјон во студентскиот град во Париз; комплекс на Манастирот Ла Турет, 1957 -1960, Музеј на западна уметност во Токио, Јапонија, 1959).
  • Во 1962 година, на неговиот последен објект, културниот центар на Харвардскиот универзитет, Карпентер центар на визуелна уметност, Масачусец, САД, се реализираат необичните форми од неговото богато искуство.

SONY DSC

Национален музеј на Западната уметност, 1959, Токио, Јапонија

Ле Корбизје животот го завршил на 27 август 1965 година, во Рокебрун (Roquebrune-Cap-Martin), на Средоземното Море, каде што живеел во неговиот летен дом, Cabanon. Мала дрвена куќичка од 12 м², која ја изградил според принципите на Модулор, на минимален простор од 366 х 366 см во основа и висина од 226 см, која му служела за одмор и работа. На половина пат помеѓу Монако и Ментон, во близина на морето, опкружен со богата медитеранска вегетација, неговиот Cabanon, претставувал своевиден вид на минимално живеалиште.

10.  Sobranie, (1951 - 1962), Chandigarh, India,

Собрание, (1951 – 1962), Чандигарх, Индија

Педесет години по неговата смрт, големата фигура на модернизмот во архитектурата на XX век, Ле Корбизје, не престанува да биде актуелен. Генерациите после него го прифаќаат или одбиваат. Го признаваат неговиот талент. 11. Carpenter Center for Visual Arts, Massachusetts, USA,  1963

Carpenter Center for Visual Arts, 1963, Масачусец, САД

Неговата храброст да го исчисти минатото, да се откаже од кодови, да создаде свој сопствен јазик, сопствено писмо на форми, материјали и бои. Да дефинира нов универзум. Да ја направи архитектурата беcтежинска. Дали некој го сака или не, Ле Корбизје стана мит. Контроверзиите за него се во сенка на настаните по повод одбележувањето на 50-годишнината од неговата смрт. Гигантската големина на неговото дело, повеќеслојно и титанско, продолжува да изненадува но и да прашува.12. Cabanon, Roquebrune Cap-Martin, Francija

Cabanon, Roquebrune Cap-Martin, Франција

Испрати коментар

Scroll To Top