Во просториите на Агенција за сериозни интереси (SIA) вечер (2 април) со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Политизацијата на отфрленото“ на авторките Кристина Божурска и Зорица Зафировска.
Изложбата е резултат на отворениот повик на Агенцијата за сериозни интереси објавен пред крајот на 2014 година, на кој младите визуелни уметници имаа можност да пријават свои дела, за учество на изложба во просторот на Агенцијата за сериозни интереси (Serious Interests Agency – SIA) во Скопје.
Главната цел на овој повик беше да им овозможи на учесниците во изложбата да направат конструктивен и креативен одговор на одредени аспекти на нашиот локален контекст во градот Скопје.
Покрај голем број на испратени апликации, уметниците што го сочинуваа потесниот круг беа Кристина Божурска, Зорица Зафировска, Горан Менков, Душан Пејчев и Зоран Шеќеров. Наместо желбата да се репрезентираат поединечни дела со различни тематики на одделни уметници, жири комисијата, врзувајќи се на тематиката на самиот отворен повик, се определи изложбата да биде конципирана како рефлексија на моменталните збиднувања во нашиот град.
Избраните дела обработуваат една тема – положбата на локалниот работник, при што се избрани уметничките делата на Кристина Божурска и Зорица Зафировска (со различен број на гласови на членовите на жирито), да бидат претставени на оваа изложба.
Како што наведе Петра Бишоф, избраните уметнички дела зборуваат универзално и симболички (Божурска) и локално и директно (Зафировска) за положбата на современиот работник, додека Марта Попивода ги препозна позициите што овозможуваат трансформативно читање на „машките и женските теми“ и создавање на поинакви модалитети во креативните сфери.