Младите или тазе пресадени садници имаат ограничен коренов систем и имаат постојана потреба од влага, па поради тоа често се јавува и потребата од дневно полевање. На израснатите дрвја и грмушки во многу топли периоди задолжително им е потребно обилно полевање. Количеството на вода што му е потребно на растението зависи од голем број фактори, вклучувајќи го типот на растението, неговата фаза на раст, видот на почвата, климата и сезоната.
Поради многу топлото време, како и зголемената инсолација како најдобар начин за полевање на повеќето растенија е приземното полевање, со систем капка по капка. Во никој случај не смее да се полева со распрскувач и да се тушираат целите растенија во најжешкиот период од денот, тоа може да предизвика изгореници и кај голем број растенија може да делува погубно.
Најдобро е да се полева навечер. Ова им дава на растенијата доволно време да се просушат, а преку ноќ водата може да навлезе во корењата. Полевањето може да се врши рано наутро, за да има време растението да се исуши од водата.
Копањето или раскопувањето на леите не е препорачливо во многу сушниот период поради тоа што на тој начин се зголемува можноста за испарување на површинската влага во почвата.
На растенијата во саксии им треба наводнување секој ден за време на исклучително топло време, бидејќи тие губат многу повеќе вода отколку растенијата кои се насадени во земја, кои можат да се полеваат три до четири пати неделно зависно од видот.
Во овој период и тревниците изгледаат доста пресушено, но тоа не треба да биде проблем, затоа што тревниците сами по себе можат лесно да се регенерираат по опаѓање на температурите. Најважно е обилно полевање, но притоа мора да бидеме сигурни дека почвата добро се дренира затоа што застојот на вода во почвата исто така може да доведе до оштетувања.
Заштитата на растенијата за време на период на екстремна температура за некои видови е задолжителна. Доколку растенијата не се во контејнери и не може да се преместат во сенка препорачливо е да се постави мрежа за засенчување, со цел да се намали испарувањето на водата.
Секаков вид на материјал кој би ја задржал влагата во почвата е добредојден во овој период од годината. За таа цел при садење на растенијата препорачлива е употреба на перлит во одреден сооднос со супстратот.
Мулчирањето околу растенијата е исто така добра мерка во борбата со прекумерното испарување на површинската влага од почвата.