Владата на Република Македонија има намера да најде инвеститор кој ќе ги развие, изгради и ќе стопанисува со идниот ски центар и одмаралиште на планината Галичица и ги поканува сите заинтересирани страни да поднесат писмо за пројавување на интерес.
Така, во име на владата и во својство на Агенцијата за имплементација, АД МЕПСО објави Покана за пројавување на интерес, со која се бара реномирана компанија која ќе инвестира во развојот и изградбата и ќе стопанисува со најавениот ски центар и одмаралиште на „Галичица“. За таа цел од страна на Агенцијата за имплементација (АД МЕПСО) е изработена Физибилити студија и Мастер план. Се покануваат сите заинтересирани страни да поднесат писмо за пројавување на интерес.
Во поканата се наведува дека Охриското Езеро кое е во близина на проектот, е најголемата туристичка атракција во Македонија, прогласено за светско наследство на UNESCO и изобилува со многу природни, историски и културни локалитети.
Од АД МЕПСО додаваат дека изобилството со природни и културни вредности, како и поставеноста на планината Галичица меѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, придонесуваат националниот парк да биде атрактивен за посетителите и дека националниот парк „Галичица“ е една од најзначајните туристички дестинации во Република Македонија.
– Сместени во природниот амбиент на исклучителната убавина на националниот парк се идните ски центар и одмаралиште „Галичица“. Ски центарот „Галичица“ е планинско-езерско одмаралиште за четири сезони, кој овозможува алпско скијање и летни рекреативни активности, разновидна и иновативна туристичка понуда. Не само дека станува збор за ретка комбинација на езеро со планина што заедно прават синџир на исклучителна туристичка вредност, но во овој случај, постои медитеранска езерска дестинација во комбинација со модерно планинско одморалиште сместено во национален парк, што е ретка појава, нагласуваат од АД МЕПСО.