Утре во 11 часот пред Меморијалниот музеј на Мајка Тереза во Скопје, на Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, ќе се симулира посмртна поворка на белите дробови за да се алармира за сериозните здравствени ефекти од аерозагадувањето, во организација на Еко-свест и партнерските организации. Со акцијата тие повикуваат на стратешки мерки кои треба да ги преземат институциите.
„Граѓаните на Македонија се постојано жртви на загадениот воздух. Според студијата на Институтот за јавно здравје издадена во 2012 година како дел од студијата за зелен развој на Светската банка, во Македонија секоја година умираат 1.350 луѓе од последиците од загадениот воздух. Секако, овие смртни случаи не се единствениот данок на загадувањето кој го плаќа македонското население – според истиот извештај загадувањето со прашина поситна од 10 микрометри македонската економија ја чинело 253 милиони евра во 2011 година“, наведуваат организаторите.
Според нив, изворите на загадувањето се многубројни и не може да се обвини еден единствен загадувач, но како главни извори на загадувањето се моторните возила, индустриските капацитети, градилиштата, палењето на материјали несоодветни за горење (пластика, автомобилски гуми и слично) и термоцентралите што работат на јаглен.
Оттаму истакнуваат дека следењето на состојбата со загадувањето на воздухот во Македонија е на незавидно ниво, и покрај воспоставениот систем за следење на загадувањето до кој сите граѓани имаат пристап преку порталот на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Центарот за истражување и информирање Еко-свест, со поддршка од група граѓански организации, по повод Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, одлучи да се приклучи кон иницијативата на голем број граѓански организации од Европа и да ја спроведе „турнејата на белите дробови“ и во Македонија. Со акцијата Еко-свест сака да алармира дека ефектите по здравјето на луѓето се огромни и заслужуваат внимание од институциите. Во Европа, иако состојбата со загадувањето е далеку подобра од кај нас, 10 отсто од децата имаат астма, а 30 милиони возрасни страдаат од неа. Секоја година 54.500 Европејци умираат од рак на респираторните органи поврзан со загадување на воздухот.
Уметничката инсталација во форма на бели дробови, која се користи во рамките на „турнејата на белите дробови“, е дело на холандскиот уметник Артур ван Бален.
Како препораки за намалување на загадувањето можат да се дадат намалувањето на сообраќајот со моторни возила, зајакнување на стандардите за емисии од индустријата, воведување и спроведување на ригорозни мерки за заштита од прашината произведена од градилиштата, како и зголемување на зеленилото со садење на поголем број на возрасни садници.