Дрон ги забележал како изгледаат завршните работи на импресивниот проект на архитектот Норман Фостер во Купертино.
Apple Park започнува со работа наскоро, кога се очекува 12.000 луѓе да се вселат во своите нови канцеларии. Процесот на вселување ќе трае во следните шест месеци, заради дополнителните работи на кампусот. Apple Park, кој зафаќа површина од 71 хектари, е импресивно деловно здание кое личи на вселенски брод кој слетал во Силиконската долина.
Во кампусот се лоцирани голем број објекти кои се во различни фази на реализација. Со просторијата доминира огромна конструкција во форма на прстен, кој стана заштитен знак на паркот. Покривот, како и покривот од соседниот објект кој е во функција на гаража, во потполност се покриени со соларни панели.
На снимките од дронот, може да се виде и аудиториум со 1000 седишта, кој е именуван по основачот на Apple, Стив Џобс, пишува Dezeen.
Останатите објекти во кампусот се центар за посетители, Apple продавница и кафуле, како и фитнес-центар за вработените на површина од 9300 квадратни метри. Како дел од оваа зграда се наоѓаат и истражувачки и развојни центри.
Проектот на уредување на пејзажот го потпишува студиото OLIN. Тие осмислиле значителен број дрвја во кампусот низ кој се провлекува 3,2 километри долга патека која вработените ќе можат да ја користат за рекреација.