Фотографот Laurian Ghinitiou уште од отворањето на ЗОИ 2018 во Пјонгчанг ги регистрира настаните поврзани со архитектурата и дизајнот. Пред неговиот објектив се најде и впечатливиот објект Vantablack VBx2, сместен во Олимпискиот парк. Се работи за технолошки павилјон на компанијата Hyundai, кој е проектиран во соработка со Asif Khan. Павилјонот е замислен како „наративен“ а дел од приказната се фасадата и тематските соби – вода, соларна енергија, електролиза, водородно гориво и сл. Единственото искуство за посетителите особено е збогатено со црната фасада (изработена во најтемната боја односно пигмент на светот) која симболизира ѕвездено небо. На овој начин е претставена вселената односно бесконечноста на универзумот. Всушност, идејата е на овој начин да се прикаже прапочетокот и местото каде се создал водородот. Hyundai избрала да го изгради овој комплекс во олимпискиот парк со цел да им овозможи на посетителите да видат еден научно технолошки парк, но и несекојдневен пример за архитектура, дизајн и уметност.