Во целост ја пренесуваме колумната на Михаела Митровиќ, инженер по архитектура и невронаучник по повод неодамнешната голема трагедија во Нови Сад, а објавена на порталот „Градња“.
Како нов студент на Архитектура на новиот Департмент за архитектура во Нови Сад, една од моите први задачи беше да проектирам настрешница за пероните на Железничката станица во Нови Сад. Овој проект ме инспирираше толку многу што по две години, заедно со две колешки и колега, иницирав проект за типологија и морфологија на европските железнички станици, за што потоа добивме поддршка од деканот, како и финансиска поддршка од новосадските компании и Железниците на Србија. Тоа лето ние четворица, новосадски студенти по архитектура го поминавме патувајќи низ Европа, вооружени со семоќниот Interrail билет и оној посебен вид на ентузијазам кој е резервиран за самоиницијатива.
Ова патување, кое не промени засекогаш, го започнавме од нашата новосадска железничка станица, каде што на крајот на летото и се вративме. Постои посебна љубов кај архитектите кон зградите за јавен превоз. Железничките станици и аеродромите се ненадминати и по карактер и по обем на патници и заземаат свето место во образованието на секој архитект. Поради нивната централна урбана позиција, зградите на железничките станици се особено релевантни и фасцинантни: како камен обликуван од вода, тие со самата фреквенција на посетителите се извајани до гола функција. Во таа едноставност и ефикасност лежи нивната убавина.
Но, ова не е приказна за убавината на транспортните храмови, ниту за тоа зошто седам карши свежо обновената железничка станица во Кембриџ и пишувам. Ова е приказна за трагедија која можеше, и мораше да се спречи.
Железничката станица во Нови Сад, објект од 1964 година, чија реконструкција беше завршена во 2024 година, е дело на Имре Фаркаш. Архитектот ја проектирал зградата како отворена и светла структура, истовремено и лесна и моќна. Стаклената јужна фасада со својата транспарентност ги поздравуваше и оние што доаѓаат и оние што заминуваат, а со својата едноставна форма се граничи со Булеварот на ослободувањето, и симболично, самиот град. Во вистинска смисла на двата збора, главната фасада на железничката станица во Нови Сад беше и лицето и портата на градот.
Забатот на експресивниот кров на зградата – широка и силна бела цик-цак линија – ги поврзуваше бочните мермерни фасади и ја нагласуваше и славеше централната стаклена фасада. Со ова е роден модерениот симбол на градот. Додека високата, скулптурална квази-настрешница го привлекуваше вниманието и го обликуваше самиот дух на зградата, ниската и ненаметлива влезна настрешница тивко ги исполнуваше своите функции. Од 1964 година, оваа бетонска хоризонтална закачена со челични V-затеги на својата поизразена и гласна цик-цак верзија, укажуваше на влезот со неговата човекомерна димензија, штитеше од временските услови, го ублажуваше количеството на сончева светлина и го регулираше протокот на патници. Се до 1 ноември 2024 година и незамислива несреќа чиј обем се уште се утврдува.
Случајот со Гренфел Кулата
Во центарот на Лондон на 14 јуни 2017 година целосно изгоре Кулата Гренфел, повеќекатна станбена зграда. Во пожарот кој гореше три дена животот го загубија 72 лица, а стотици беа повредени. Оваа несреќа, најсмртоносниот пожар во Британија уште од бомбардирањето во Втората светска војна, ја промени не само градежната пракса, туку и совеста на нацијата. Веднаш по пожарот, гневот и бесот на јавноста доведоа до формирање на независна истражна комисија.
Извештајот за истрагата за пожар во Гренфел Кулата е речиси исто толку познат како и самиот пожар. Овој документ, резултат на темелни истраги и сослушувања, од неколку илјади страници и целосно достапен на Интернет, успеа прецизно да ја утврди низата настани, пропусти и одлуки кои кулминираа со трагичниот пожар. Одговорност сносеа државните институции, локалните служби, приватните компании: со еден збор сите вклучени во реновирањето на зградата неколку години претходно. (На 19 август 2024 година, со задоцнување во однос на очекуваното, беше објавен вториот, краен, извештај од Истрагата за Кулата Гренфел).
Една од главните причини за невообичаено брзото ширење на пожарот била високо запалливите фасадни облоги. Експертите со децении предупредуваат на овие пластично-алуминиумски сендвич панели, особено по неколку помали пожари. Но, поради пониската цена, инвеститорите се одлучиле токму за овие облоги. Во текот на сослушувањето, се поставило и прашањето колку архитектите се одговорни за материјалите користени во проектот и дали од архитектите, па и градежниците, се очекува да ги разбираат материјалите колку и производителите.
Исто така, со цел да се спречи формирање на социо-економски хомогени области во градот и да се зголеми бројот на станови по пристапни цени, во Лондон постои тенденција секоја населба да содржи и објекти за социјални станови. Гренфел Кулата беше таква зграда, а функцијата на новопоставената фасадна облога беше да го подобри изгледот на зградата, со цел естетски да се вклопи во престижните населби Кенсингтон, Челзи и Нотинг Хил.
Ако се погледнат фотографии пред и по реновирањето, иронично е што зградата изгледала поелегантно пред реновирањето – едноставен брутализам со нагласени хоризонтали, отколку после, со залепени алу-пвц панели, интернационален симбол на неархитектура. На крајот, извештајот презентираше докази за вмешаност и одговорност на повеќе од дваесет компании, институции и државни органи, и иако на обвиненијата сè уште се чека, градежните прописи конечно се променети и овој тип на облога е исфрлена од употреба. Од незамисливата трагедија, извлечени се не само декларативни поуки, туку и конкретни, иако минимални и недоволни, позитивни промени.
Новосадизација
Нови Сад е истовремено и Европска престолнина на културата, и српска престолнина на новата градба. „Новосадизација“ на градот е поим од кој јавноста и професионалците во другите градови стравуваат и на кој предупредуваат. Поголемиот дел од новоградбата во Нови Сад е толку колосално грда, некако скромна и бахата во исто време, што како тумор го превзаеде карактерот на градот, а веројатно и самата ментална слика на градот. Фрустрирачки е што град со толку голем потенцијал, на таква локација и со толку многу архитектонски шарм, последните две децении служи како опомена.
Како и во случајот со Гренфел Кулата, цел Нови Сад е на милост и немилост на таканаречените инвеститори. Од едната страна имаме град на питома река, со тврдина и катедрала, Фрушка Гора – речиси совршен средноевропски град од модерна, естетска, детска сликовница. Од другата, многу погласната страна, имаме град без вистински градски парк, град во кој се сечат дрвја, град задушен од приватен сообраќај и паркинзи, град извалкан од мрачна, банална нова градба. Накратко, „новосадизацијата“ е последица на тиранијата на инвеститорите и надмоќта на економијата над архитектурата.
Ретрофитинг
Она лето што го поминав спиејќи по возовите и парковите на Париз, Барселона, Венеција, забележав дека се завршени сите големи и познати европски железнички станици од 19 век, реновирани за 21 век. Ваквото реновирање – обновување, освежување и технолошко подобрување на веќе постоечките објекти, наместо да се урива и да се изгради целосно нова градба, се нарекува ретрофитинг.
Како филозофија на изградената средина, ретрофитинг е најодржливата и најодговорната иднина на архитектурата. Како пракса, ретрофитинг е одговор на струката на фактот дека конструкциите и градилиштата се меѓу првите 10 загадувачи на животната средина. Сепак, градежната професија не е само инженеринг, туку и наука, а постојат прецизно дефинирани методи за тестирање на безбедноста на постоечките конструкции: од моделирање, експериментално земање примероци, лабораториски наоди, до тестирање на лице место. Ригорозната методологија и одговорниот пристап се есенцијални фактори за ретрофитинг, благодарение на кои можеме да го чуваме и уживаме постојното.
Ова е уште една во низата причини, зошто градовите мора да бидат обликувани првенствено од архитектурата, а не од економијата. Според зборовите на британскиот аристократ-политичар, „ние ги обликуваме нашите згради, а тие не обликуваат нас“, и вакво взаемно, паралелно развивање е одлика на здрави градови и здраво општество. Во моментов Нови Сад има голема, се уште незалечена лузна на лицето.