Важи за најсиромашна држава во Европа. Сместена е меѓу Романија и Украина, а за само неколку километри нема пристап на Црното Море. Станува збор за Молдавија, во која се наоѓа најголемиот вински подрум на светот. Milestii Mici е името на комплексот кој е основан во 1969 година, со цел складирање и чување на висококвалитетни вина. На влезот во Milestii Mici посетителите ги дочекува дури и винска фонтана во облик на бочва. А потоа патот води во подумот каде на температури од 12 до 14 степени Целзиусови се чуваат шишиња најфини вина. Некои од нив стојат со децении, а вкупно ги има 2 милиони. Најголемиот дел се црни вина, белите сочинуваат 20%, а 10% се десертни вина. Подрумот се протега во должина од неверојатни 200 километри. За волја на вистината денес е во употреба помал дел од 55 километри, но и тоа е импресивно. Во 2005 година, Milestii Mici влегол во Гинисовата книга на рекорди како најголема колекција на вина на светот.
Подрумот е организиран како посебен град. Секое катче претставува „улица“ која носи име според сортата која таму се чува (Pinot, Marlot, Cabernet Sauvignon…) Низ подрумот може да се вози велосипед или автомобил. Молдавија со векови ја негувала традицијата на винарството, а во времето на Советскиот Сојуз ги снабдувала со вина сите републики на тогашната голема држава. Имено, секое второ шише вино во СССР, потекнувало од Молдавија.
Подрумот служи и како своевиден музеј. Овде може да се види автомобилот кој за обиколка го користеле Путин, Меркел, Бајден и други државници кои дошле во посета, најскапите вина на светот, егзотични вина со лековити билки, колекцијата која му припаѓала на нацистот Геринг, и сл. Цената за влез и дегустација се движат од 25 до 200 американски долари.