Многумина сметаат дека со паѓањето на температурите прекинуваат сите активности во градината. Тоа не треба да биде така затоа што градината треба да се подготви за презимување. Иако календарски зимата (21 декември) е далеку, сепак треба да се отпочне со подготовка на градината за презимување.
На видовите како палми и декоративни треви мора да им се посвети посебно внимание при заштита. Кај палмите најдобро е стеблото да им биде обвиткано со јута или друг вид на текстил. Доколку се користи пвц фолија, најдобро е на истата да се направат дупки за да има циркулација на воздух за да не дојде до кондензирање на воздухот во неа и скапување на стеблото на растението, додека листовите се собираат во еден сноп и се врзуваат. Декоративните треви (пример Cortaderia selloana, Carex spp.) за презимување може да ги подготвиме на два начина. Едниот е зеленилото да се исече до земја, а другиот е да се собере целокупното зеленило и да се врзе во еден сноп, како кај палмите.
Ваквата заштита на надземните делови од растенијата се прави со цел да се избегне замрзнувањето на соковите во нив, со што би се зголемила запремнината на водата и би дошло до пукање на стеблото под притисокот на мразот.
Растенијата што ги чуваме во садови мора да бидат заштитени од ниските температури, за да не дојде до мрзнење на коренот. За таа цел, најдобро е тие да бидат сместени на потопло место, заштитено од провев. Доколку имаме стакленик тоа би било идеално место за презимување на растенијата во садови. А ако немаме услови за голем стакленик истиот може сами да го направиме со помали димензии.
Остатоците од сезонските цвеќиња ги отстрануваме. Кај луковичестите растенија ги собираме луковиците и ги складираме преку зимата. Најдобро е тие да се складираат во гајби за да останат суви и да имаат непречен доток на воздух, со што ќе се спречи нивното гниење.
Откога ќе ги собереме плодовите од мушмулите, калинките, јапонските јаболка или другите плoдови, кои се засадени во градината, пристапуваме кон чистење на дрвјата и грмушките од исушените гранки или делови, a исто така треба да се соберат и сите паднати гранки и листови на тревниците. Тоа се прави со цел да не дојде до гниење на органската материја врз тревникот што би предизвикало трајни штети. Доколку имаме услови за компостирање, може да се собере целокупниот органски отпад и да произведеме компост кој би бил идеален за прихрана на растенијата следната сезона. Како материјали кои би можеле да ни послужат за компостирање може да се употребат: суви лисја и гранчиња, сено, суви растенија, пепел од дрва, струготини, отпадоци од зеленчук и овошје, цвеќиња и слично. Материјали кои може да се најдат во градината во овој момент, а кои не се погодни за компостирање се: многу крупни гранки (пожелно е да се исечат на помали делови), пластика, коски, мртви животни и животински измет, јаглен и слично.
Во овој период на годината тревникот треба да се искоси за последен пат, при што висината на која ќе се коси тревата треба да е поголема од вообичаеното. Доволно би било ако таа се искоси на висина од 6-7 см. Исто така, многу важно е да се зголеми аерацијата во тревникот, а тоа се постигнува со помош на правење дупки. Дупките се прават наједноставно со вила, со помош на посебни додатоци за чевли со клинови, или со помош на специјални цевчиња со што почвата се вади во облик на сонди.
Полевањето се прекратува. Водата во цревата се испушта, особено ако се челични. Ако цревата се пцв, пожелно е водата да се испушти, но не е задлжително. Единствено не смее пвц цревата да се остават под полн притисок, затоа што можат да се деформираат на некои места зависно од замрзнувањето на водата.
Откога ќе ги завршиме сите овие „операции“ може да се сконцентрираме на собните растенијата во нашиот дом или стаклена градина, и да го чекаме појавувањето на кокичињата и доаѓањето на пролетта. Дотогаш има време да ни созреат идеите за промените што сакаме да ги направиме во градината, со цел да ја разбиеме монотонијата.