Во текот на 2019 година, изградени се повеќе супервисоки згради од вкупно сите до 2000 година. Но, дали некогаш сте се запрашале како е да се живее во такви објекти?
Во далечната 1853 година, на Светската изложба во Њујорк, еден човек се качил на закачена платформа и наредил да се исече јажето што ја држело платформата.
Платформата паднала за неколку центиметри, но се активирал сигурносниот систем за сопирање и платформата останала стабилна, на општо воодушевување на присутните.
Во тој момент, можеби дури ни самиот Елиша Грејвс Отис, американски индустријалец и пронаоѓач, не сфатил како неговото откритие трајно ќе го промени текот на архитектурата.
Со пронаоѓањето на лифтот, небото станало граница и почнале да се градат згради и по десет ката. Така, Мозет Бродерик, директорка за архитектонски и урбанистички студии на Универзитетот во Њујорк, објаснува дека зградата Equitable Life Assurance, која е отворена во 1870 година на Менхетен, со своите седум ката, предизвикала и фасцинација и страв.
Нашиот однос со високите згради еволуирал со текот на времето, како и тие самите во однос на нивната висина, големина и употреба. Благодарение на напредокот на конструктивното инженерство, зградите денес достигнуваат неверојатни височини.
Терминот „супервисоки“ е создаден од меѓународната непрофитна организација „Совет за високи згради и урбан хабитат“ (CTBUH) за да се класифицираат зградите со висина помеѓу 300 и 600 метри.
Денес, супервисоките згради се сè почести во панорамите на градовите ширум светот. Така, во текот на 2019 година се изградени повеќе супервисоки згради од вкупно сите до 2000 година.
Високите згради ја менуваат микроклимата
Географски гледано, повеќе од половина од овие згради се наоѓаат во Кина, а околу 17 отсто во Обединетите Арапски Емирати. Меѓутоа, Соединетите Американски Држави, а особено Њујорк, сè уште се сметаат за лидери во овој архитектонски тренд.
Пред речиси една деценија, Њујорк доживеа бум на луксузни станови, поттикнат главно од странски инвеститори. Така, многу тенки и супервисоки згради се најдоа на хоризонтот на градот, оставајќи трајно историско влијание.
Овој развој на настаните исто така започна и дебата, некои го поддржале вертикалниот раст на градот и гужвата во него, додека други ги критикувале ваквите градби поради создавање долги сенки, долги и до 800 метри, како и создавање коридори за ветрови кои ја менуваат микроклимата.
Сепак, и покрај дебатите за нивното урбано влијание, како и за многуте добри и лоши страни, постојат се повеќе грижи за тоа како се одржуваат овие згради. Фокусот се става конкретно на технолошките иновации кои се потребни за зградите да се одржат безбедни.
Висината не е само карактеристика на луксуз
Имено, висината на која некогаш се гледала исклучиво како симбол на луксуз, сега доведе до сериозни проблеми. Овие проблеми вклучуваат проблеми со водоводот, канализацијата, неисправности на лифтовите и како што велат корисниците „чкрипење на ѕидовите како на брод“.
Овие ситуации укажуваат на тоа дека можеби се уште некои градежни методи и материјали не ги исполнуваат потребните инженерски стандарди. Многу од структурните проблеми, како што се истекувањата на вода кои понекогаш се претвораат во водопади преку окната на лифтовите високи 300 метри, се случуваат на техничките катови на зградите кои често се критикувани дека се превисоки.
Секако, овој градежен модел им овозможува на њујоршките инвеститори да градат повисоко отколку што вообичаено дозволуваат регулативите, бидејќи техничките катови не влегуваат во максималниот лимит на висината. Како резултат на тоа, се случуваат постојани дефекти, а со тоа и поправки и реновирања за да се обезбеди правилно функционирање на некои од супервисоките згради во градот.
Освен тоа, уште едно важно прашање е ветрот. Некои станари поставуваат дополнителна изолација во своите станови за да ја намалат непријатноста предизвикана од бучавата што ја создава ветерот.
Меѓутоа, ветерот влијае на многу повеќе работи од бучава и може да ја загрози употребливоста на супервисоките згради. Студиите покажуваат дека некои згради при силни ветрови можат да се нишаат и до еден метар.
Извештаите, исто така, покажуваат дека овие структурни осцилации може да предизвикаат поместување на каблите на лифтот, предизвикувајќи тие да работат побавно или дури и да престанат да работат.
Растот во директна врска со технолошкиот развој
Буквалниот раст на супервисоките згради е директно поврзан со технолошкиот напредок во градежното инженерство. Токму како што пронајдокот на лифтот овозможил изградба на десеткатни згради во 19. век, иновациите овозможија изградба на елегантни структури кои достигнуваат речиси 200 ката.
Меѓутоа, и покрај овие технолошки чуда, проектирањето на супервисоките згради континуирано се развива. Секоја зграда е всушност прототип, бидејќи резултатите стануваат непредвидливи по 40 ката, а формата на зградата многу влијае на нејзиното однесување.
Не е се така црно
Среде наизменични успеси и предизвици, важно е да сенапомене дека сепак не се забележани извештаи за конструктивни проблеми кога станува збор за супервисоки згради. Нивната осцилација е во рамките на пресметковните граници и очекувана за вакви типови на конструкции.
Исто така, важно е да се напомене дека најголем дел од сомнежите потекнуваат од Њујорк и не се однесуваат сите на супервисоките згради, па тоа укажува дека проблемите можат да бидат и од политичка природа, а се поврзани со немањето регулатива за квалитетот и издржливоста на зградите.
Предизвиците на кои се наидува при изградбата на супервисоки структури може да се гледаат како вредна можност за подобрување на градежните и архитектонските практики.