Во новиот Центар за дизајн и иновации „Јавна соба“ неодамна беа соопштени резултатите од четвртиот по ред конкурс за поддршка на проекти од областа на креативните индустрии на Министерството за култура, чија цел како што потсети министерката Елизабета Канческа-Милевска, е поттикнување на младите луѓе да го развиваат својот креативен потенцијал и да создаваат инвентивни и квалитетни производи, кои ќе им донесат и финансиски бенефит.
Од поднесените 114 пријави на индивидуални лица, граѓански здруженија и други правни субјекти, комисијата во состав: проф. д-р Митко Хаџи-Пуља, Роберт Јанкуловски, Андреј Бартлинг, Гордана Вренцоска и Беким Мемети предложила финансиска поддршка за 61 проект (30 проекти на физички лица и 31 проект на граѓански здруженија, невладини организации и други правни субјекти, како и на здруженија на граѓани наменети за лицата со посебни потреби).
Меѓу поддржаните проекти се: „Визуелна приказна-мебел од Македонија“ – „We and Nature“, „Прва модна колекција со 3Д печатење во Македонија“ – Ателје „Ирина“, „Шајн“ – „Тинк Мебел“, „Кирилица применета на македонски дизајнерски производи“ на Креативно студио „Преплет“, Дигитална керамика – Александар Дудески, Дизајн предизвик – Мима Пејоска, „Мираз“ прв македонски бренд на покуќнина – Дејан Спасовиќ, Дизајн пракса на „Јавна соба“ – Центар за дизајн и иновации, „Отворени можности за креативните занаети“ – Занаетчиска комора – Скопје, „Види,слушни, погоди …“ – Здружение за општествена акција, едукација и превентива – Прилеп, Фестивалот на фигури од овошје и зеленчук „Сочни фигури 2016“ – „Слоу фуд Свети Наум Охридски“ – Скопје и други.