Насловна / Вести / Податоците на институциите наспроти енергијата на активистите

Податоците на институциите наспроти енергијата на активистите

Гасификацијата на државата во последните години се става како приоритет, а сè со цел одговорно користење на енергетските ресурси и заштита на животната средина. Неколку градови во државата веќе ги собираат благодатите од гасификацијата, за други се подготвува теренот, а на оваа листа е и главниот град. Енормното загадување, со кое главниот град години наназад мака мачи може полека да се намалува затоа што податоците од него се немилосрдни. Ако ништо не се промени во Скопје, емисиите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките до 2021 година ќе се зголемат за 31 отсто, во однос на измерените во 2015 година. Доколку пак нешто мрдне „од мртва точка“ тогаш емисиите на овие честички ќе се намалат за 70 отсто, а емисиите на јаглерод диоксид ќе се намалат за 56 отсто. Намалување на загадувањето, според реакциите на јавноста, не треба да значи уништување на она што прочистува. Сепак за нешто да се помести нешто треба и да го турне, па гасификацијата треба да е тегот што ќе удри по загадувањето. Во секој случај и Водно бара чист воздух.

gasovod niz vodno1
Во последно време јавноста ја бранува гасификационата траса што почнува од Арачиново, се движи кон Скопје, продолжува кон Гостивар и со крак се поврзува со Тетово. Целата траса на гасификационата мрежа од Скопје до Тетово и Гостивар е во должина од 76 километри, а кракот за Тетово е во должина од 10 километри. Екологистите и јавноста реагираат на делот од трасата што минува низ планината Водно или како што скопјани милуваат да си кажат „белите дробови“ на градот. Вкупната должина на трасата на гасоводот што поминува низ парк-шумата Водно изнесува 9,3 километри. Се гради со кредит од 28 милиони евра од германските Дојче банка и Ерсте банка. Крајниот рок за завршување на градежните работи, според веќе склучените договори, е октомври 2019 година.

gasovod niz Vodno
Надлежните за заштита на животната средина ја уверуваат јавноста дека гасоводот иако ќе значи уништување на дрвја, според искуствата од други земји, ќе донесе сериозно намалување на аерозагадувањето. Особено е важно да се нагласи дека оваа траса од гасификацијата е важна и за Тетово затоа што тоа значи дека градот ќе се симне од листата на три најзагадени градови во Европа. Еколошките здруженија и граѓанските иницијативи бараат целосна промена на трасата на гасоводот, односно тој воопшто да не поминува низ Водно. Но, објаснувањето на надлежните е дека е речиси невозможно во оваа фаза да се врши промена на трасата, а тоа според нив, би донело плус трошоци од 20 милиони евра, како и оддолжување на целиот процес за пет години.

mak_80_gasovod
Од Македонски енергетски ресурси велат дека друга алтернатива која е разгледувана од страна на изготвувачите на физибилити студијата е оценета како неповолна. „Секој план за продолжување на изградбата по друга траса доколку екологистите не отстапат од нивните барања значи пролонгирање за најмалку пет години, прекин на градба на целата делница од лот 5, раскинување на договорите за заем, и сите други договори со сите правни последици заедно со големи и непознати финансиски импликации, нова физибилити студија, нов основен проект, ревизија на основен проект, студија за оцена на влијание врз животната средина, проценки, елаборати за експропријација, нови постапки за сите договорни услуги“, објаснуваат од МЕР.

gasovod
И Магдалена Трајковска, автор на студијата за влијанието врз животната средина, вели дека таа покажува дека влијанието врз парк-шумата е локално и краткотрајно, но со мерките кои ќе се преземат тоа се надминува и тоа значи дека изградбата на гасоводот нема влијание врз животната средина.
Дел од експертите велат дека на Водно има околу три километри каде што трасата минува низ засадена шума која не може да се избегне, но дека во преостанатиот дел до Гостивар шумите се во вид на шикари и ниски грмушки. Затоа тие додаваат дека ова оштетување е помало отколку трасата да се води од северната страна на градот Скопје.

По вкупната должина на гасоводот од 76 километри, Од 18 до 21,5 километар нема никаква сеча на шума. Сечење на дрвја има само од 21,5 до 24 километар од трасата, односно само 2,5 километри гасоводот минува низ дрвна маса. Во тој дел, ќе се исече 1,7 хектари дрвна маса од вкупните 2.593 од цело Водно. Длабочината на вкопување на гасоводот зависи од конфигурацијата на теренот и минималната длабочина на вкопување на гасоводот се движи од еден метар до 1,5 метри од горната кота на гасоводот, а максималната длабочина на вкопување на гасоводот се движи од два метра до 2,5 метри од горната кота на гасоводот.

gasovod3
Дрвјата кои сега треба да се сечат на Водно се на површина која градските власти успеаја да ја сменат во еден дел од четири километри за да се избегне поминување низ шума и да се намали ширината на трасата од 25 на 10 метри. „Изменувањето на трасата и намалувањето на широчината од 25 на 10 метри, е направено на делот од сртот кој е пошумен со високостеблеста шума. По деловите на сртот кои се голи или засадени со нискостеблеста шума широчината може да биде поголема, но по завршувањето на работите ќе биде целосно хортикултурно ревитализирана на целиот простор каде што биле изведени инфраструктурни активности“, тврди градоначалникот Шилегов.
Тој додава дека Град Скопје има концесии од Владата и ресорното министерство и освен скратувањето на рутата за четири километри и намалувањето на широчината на трасата, обезбедени се и 43 милиони денари за повторно пошумување на Водно со средства обезбедени од МЕР, како директна законска компензација за уништеното зеленило, пошумување на соголените падини на Скопска Црна Гора со средства обезбедени од Владата, со што директно се влијае на спречување на поплави како оние во Стајковци и околината, владина поддршка за проектите за зелени коридори по должината на реките Лепенец и Серава, еден милион евра за градско зеленило обезбедени со пренамена на средства од Министерството за животна средина и просторно планирање, приклучување на пет големи згради на јавни институции на гасификациската односно топлификациската мрежа на градот и нивно елиминирање од листата на загадувачи.
Ова не е прв пат на Водно да му се случуваат неправди. Тоа е веќе уништено со дуповите за Тасино чешмиче, Сончев град, Телекомуникациската кула и со други проекти.

gasovod4
Но, што се однесува до овој проект Шилегов вели дека разликата во однос на другите проекти е што за овој за првпат се развива широка и долга јавна дебата. „Ова е многу важно затоа што досега за ниту еден проект на Водно немало дебата. Покрај тоа, за првпат се добиваат големи финансиски концесии на ваков начин и во толкав обем, а во насока на ревитализација на зеленилото на Водно. И секако, дека ова е проект кој не е на штета на граѓаните, туку напротив тие ќе имаат финансиски бенефит со воведувањето на евтини енергенси во употреба, а генерално истиот ќе придонесе и за заштитата на животната средина, а со тоа и на здравјето на граѓаните“, нагласува Шилегов.
Министерството за животна средина и просторно планирање сака заедно со граѓаните да се ревалоризира парк-шумата.
„За жал, кога се промени Законот за заштита на природата некој што имал обврска да направи ревалоризација за заштитата на Водно тоа не го направил. Ќе се донесе одлука кој ќе управува со тоа заштитено подрачје, но и негово зонирање. Ќе се дефинираат правила што може да се направи на одредено заштитено подрачје. Приоритет на Министерството е како да ги воведеме екосистемските услуги меѓу кои е и Водно.Трасата е избрана затоа што минува низ подрачја со најмногу црно-габерови шуми со мало значење на европската скала на шуми. Друга причина е тоа што низ оваа траса постојат нискостеблести дрвја и минува низ предели каде што ќе има најмалку оштетување на безрбетниците“, вели заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули додавајќи дека за Скопје и за цела Македонија, гасификацијата е најдоброто решение за намалување на загадувањето.
Макрадули објаснува дека Водно не се дава на стихијна градба, туку на строго и прецизно проектирана и мониторирана имплементација на гасификацијата.
„Во делот на анализата, направена е карта на хабитатите, опис и валоризација на флората и фауната, приказ на заштитените подрачја и на кој начин тие да се заштитат“, вели Макрадули и додава дека студијата предвидува прецизни задолженија и Министерството за животна средина постојано, во соработка со инспекторатот и со експертите извршува мониторинг на активностите и имплементацијата на овој важен стратешки проект.
Она што исто така екологистите и институциите не можат да се договорат е дали парк-шумата Водно сè уште е заштитена или не.
Градските власти тврдат дека градоначалникот Петре Шилегов има иницирано и конкретно договорено со Владата и ресорните државни органи концесија за правење на закони кои ќе ги регулираат парк-шумата Водно и Матка, по примерот на Законот за заштитеното подрачје – парк на природата Гази Баба. „Со законите, од страна на законодавецот, во целост ќе се регулира заштитата на двата природни локалитети, начинот на управување, финансирањето, утврдување на градежни линии, процедури за изградба на инфраструктурни објекти, развојот и многу други прашања значајни за заштитата на Водно и Матка, но и на организираното користење во спортско-рекреативни цели. Долго отворените прашања, како што е локалитетот Матка, ќе се затворат и точно ќе се утврдат обврските и одговорноста за сопственоста и управувањето. Рокови за носење на законите не се утврдени, но надлежните институции се задолжени да поднесат првична драфт верзија на законот и за највеќе еден месец се очекува истата да биде поднесена“, информираат од Град Скопје.
Сепак, како што тврдат екологистите на Скопје му недостасува девет метри квадратни повеќе зеленило по жител. Според пописот од 2002 година кога Скопје броел 550 илјади жители Водно задоволувало 46 отсто од потребите. Сега бројот на жители расте, а Водно се намалува, нагласува Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“.
За изработка на физибилити студија, основен проект, ревизија на основен проект, студија за оцена на влијание врз животната средина веќе се потрошени 1,9 милиони евра, за изградба, надзор, експропријација, измени, проценки и други трошоци досега се потрошени 7,8 милиони евра или вкупно 9,7 милиони евра.
Одобрението за градење на гасоводот Министерството за транспорт и врски го издало во декември 2016 година кога собрало долга низа согласности од општините низ кои минува гасоводот и ги известило сите засегнати институции. За гасоводот има студија за животна средина издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање за која била организирана и јавна дебата во Град Скопје.
Пред да биде издадено одобрението за градење, во октомври 2016 Македонски енергетски ресурси – МЕР склучил договор со Друштвото за градежништво и услуги „Рапид билд“ ДОО Куманово. Тоа во рок од 36 месеци се обврзало дека ќе го изгради магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар за 1.782.270.000,00 денари или околу 28,9 милиони евра по проект што го има изработено Друштвото за инженеринг и консалтинг „Чакар партнерс“ од Скопје.

gasovod5
Она што во иднина останува е да се види дали институциите ќе попуштат пред барањата на екологистите и „белите дробови“ на Скопје ќе останат недопрени или, пак, екологистите ќе се помират и поставувањето на цевките за гасификацијата ќе продолжи.
Она што е неоходно да се направи е ревалоризација на Законот за заштита на природата, која обврска како што вели заменик – министерот, некој не ја завршил. Во иднина останува да се види дали ревалоризација ќе ги усклади непоходноста на технолошкиот напредок и екологијата и ги заштити „белите дробови“ на Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top