Во салата за состаноци на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, вечер во 19 часот официјално ќе биде отворен саемот за вработување Job Fair 2015, кој ќе трае до 11 март во организација на БЕСТ од Скопје.
Така, денес и утре на штандовите студентите ќе може да им пристапат на претставници од компаниите, со цел подетално да се информираат или да се консултираат за голем број прашања. Студентите, исто така, ќе може да присуствуваат на разни предавања, презентации и обуки на теми кои ќе бидат објавени дополнително.
„Настанот е одлична шанса за соработка помеѓу студентите и компаниите. Целта на саемот е да им понуди на студентите квалитетни работни места и практика од областа на нивната стручност, а на компаниите квалитетен и амбициозен работен кадар“, соопшти организаторот.
Доколку студентите се заинтересирани за ваков вид соработка со компаниите, треба да остават свое сиви на официјалната веб-страница www.jobfair.org.mk. Кратките биографии потоа стануваат дел од датум базата до која имаат пристап сите компании-учеснички.