Насловна / Вести / Почнува проектот за гасификација во скопскиот регион

Почнува проектот за гасификација во скопскиот регион

gasifikacija vo skopje_3_resize
Стартува проектот за гасификација на скопскиот регион со кој ќе бидат опфатени 17 општини. Инвестицијата од околу 100 милиони евра ќе се реализира во период од пет години, по принципот на јавно-приватно партнерство, а дел од дистрибутивната мрежа ќе биде пуштен во работа во 2016 година.
Со гасификацијата, освен општините во Скопје, ќе бидат опфатени уште седум, Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Чучер Сандево и Арачиново.
Според премиерот Никола Груевски, овој проект предвидува гасификација на целата земја. Изградбата на дистрибутивниот систем ќе почне во 2015 година и до 2019 година, треба да се реализира најмалку 70 отсто од планираната инфраструктура.
„Од вчера почнува конкретната операционализација на проектот за гасификација во Македонија. Во изминатите неколку години интензивно и посветено работевме на завршување на сите мерки, активности и процедури за да дојдеме до ова. Оваа задача не беше ни малку лесна и едноставна, иако некои структури се обидуваат да ја прикажат како таква“, рече Груевски.

gasifikacija vo skopje_2_resize
Според Груевски, биле потребни многу подготовки, изработка на мегапроекти, средување на имотно-правни и земјишни односи, многу анализи и, секако, најбитното, да се обезбеди темел, односно договор за снабдување со гас на цела Македонија. „Обезбедивме договор со Русија за снабдување со гас и го реализиравме клучниот предуслов за почеток на гасификацијата“, нагласи Груевски.
Според анализите, со користењето на гасот како енергенс, заштедата на граѓаните кои се топлат на парно, дрва, струја и екстра-лесно гориво ќе биде значително поголема. Домаќинствата што се греат на парно, доколку се приклучени на природен гас, годишно ќе заштедат 24 отсто од средствата за таа намена, а фирмите до 30 проценти од трошоците.

gasifikacija vo skopje_1_resize
Јавниот повик за изнаоѓање на приватен партнер ќе биде објавен во наредните неколку дена, а ќе трае до 25 мај годинава. Договорот ќе се однесува на период од 20 години, по што системот за природен гас ќе се пренесе во сопственост на државата.
Сите оние што сакаат да учествуваат на повикот за воспоставување на јавно – приватно партнерство ќе мора да имаат искуство во оперирањето со дистрибутивни системи за природен гас во урбани средини подолго од пет години, нивните веќе реализирани системи треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и да имаат годишен приход не помал од 40 милиони евра на годишно ниво. Приклучната такса за еден просечен стан од 80 метри квадратни би изнесувала 100 евра, додека приклучната такса за куќа од 240 метри квадратни би изнесувала околу 300 евра.

Испрати коментар

Scroll To Top