Од денеска екипи на Град Скопје ги почнуваат градежните работи за изведба на површинска, таканаречена сува фонтана или џампинг џет на плоштадот „Македонија“, на просторот меѓу фонтаната „Воин на коњ“ и влезот во Камениот мост.
Фонтаната, како што информира Град Скопје, ќе биде со правоаголна форма, со димензии 20 на 10 метри и вкопано армирано-бетонско корито.
Површината врз армирано-бетонското корито ќе биде изработена од светлосиви гранитни плочи.
На плочите од фонтаната ќе бидат поставени ЛЕД светилки со отвори за вградување млазник.
Покрај изведбата на површинска фонтана на плоштадот „Македонија“ ќе се изврши и реконструкција на партерот на плоштадот.
Реконструкцијата на партерот на плоштадот „Македонија“ ќе се врши етапно, за да се овозможи непречено движење на пешаците во текот на градежните работи.
Овој проект ќе чини околу 150 милиони денари, од кои Град Скопје ќе обезбеди една третина од средствата, а Владата на Македонија – две третини од средствата.